Алушовски: На крај немавме среќа, но Порто заслужено освои бод

После ремито против тимот на Порто, тренерот на Вардар само потврди дека противникот уште еднаш покажал квалитетна игра и успеал да докаже дека е еден од тимовите кои најдобро играат 7 на 6 во моментов.

Порто во последната секунда се избори за реми и си замина со бод, па во една ваква ситуација е тешко да се види кој може да биде посреќен од епилогот.

Алушовски имаше проблеми бидејќи го немаше Дисингер, а проблемот дефинитивно повеќе беше во играта во одбрана.

Иако имаше доволно голови, сепак, факт е дека повеќето беа постигнати во моменти кога немаше голман или со пробив до шест метри.

„Реков и пред натпреварот дека ќе биде тешко на оваа средба бидејќи ракометарите на Порто играат добро 7 на 6. Денеска тоа се потврди и на натпреварот. На крајот немавме и среќа, но Порто заслужено освои бод. Се виде и дека добро ја имаат простудирано нашата игра, а нам денеска ни недостигаше Кристијан Дисингер. Имавме проблеми со шутот од далечина. Одбраната беше добра, но во напад имавме проблеми. Сепак, овој бод е многу важен за нас“, изјави на пресот после средбата тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.

Следната средба за Вардар е в среда, а „црвено-црните“ гостуваат во Париз кај составот на ПСЖ.