Алушовски: Сакаме четврт-финале во ЛШ, Ф4 во СЕХА и двојна круна во домашното првенство

Екипата на Вардар од денеска стартува со подготовките за новата сезона, а сите ракометари освен Чупиќ се на тренинг. Тренерот Стевче Алушовски веќе почна со загревањето за новата сезона со ракометарите и се работи максимално, а тој ги имаше и првите коментари споделувајќи ги амбициите за сезоната која претстои.

„После четири месеци и некој ден среќен сум што ќе ги стартуваме подготовките. Она што е малку неприродна ситуација и она што последните пет месеци сите не загрижува е состојбата со вирусот, но мора да се вратиме на работа. Не очекуваат големи предизвици. Во текот на летото се обидовме и направивме конкурентна екипа на која цел ќе и биде четвртфинале во Лигата на шампионите, Ф4 во СЕХА и титула во домашното првенство. Планот за подготовки е направен, но ова ќе бидат нетипични подготовки бидејќи зависиме многу од дневни ситуации. Ќе работиме во Јане Сандански и сите објекти кои се придружни“, рече Алушовски.

Тој го објави и планот за контроли во август и потврди дека Вардар ќе игра на турнирот во Струга.

„Она што досега е закажано е учество на турнирот во Струга од 12 до 16 август и турнир во Кањижа од 21 до 23 август каде што требаше да играат Нексе и Пик Сегед, но во Нексе има играч со коронавирус, а Пик Сегед има забрана за излез од државата и за натпревари со тимови од други земји. Останува дневно да ги правиме сите измени доколку има потреба. План за подготовки имаме. Ќе се тренира според протокол кој ќе го добиеме од минситерството за здравство и комисијата за заразни болести. Имаме протокол за теретана и тренинг на отворено. Се надевам дека до понеделник ќе има протокол во затворен простор. Во понеделник имаме закажано и систематски во понеделник за цела екипа после 4 месеци пауза. Мора детален систематски за да стартуваме со нешто посериозно. Вардар е сè уште актуелен првак и имаме високи амбиции. Екипата не е на нивото од претходните години, но не е ниту екипа која треба да се потцени. Ќе одиме чекор по чекор“, изјави во првиот коментар за новата сезона тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.

Комплетната изјава можете да ја слушнете во видеото во продолжение.