Алтхаус тргна по тренерска лиценца: Сакам да работам во Македонија!

Германската интернационалка, Ања Алтхаус, која по завршувањето на ракометната кариера како македонска снаа остана да живее во Скопје, е подготвена својата работа во ракометот да ја однесе на друго ниво – тренер.

Таа во изминативе година дена работеше во женскиот клуб Спартак за неодамна да ја раскине соработката, а викендов е дел од тренерскиот семинар МОДУЛ 1, кој се одржува во Дојран. Алтхаус е решена своето знаење и искуство да го пренесе понатаму и тоа со работа токму во Македонија.

„Одам чекор по чекор за да го најдам моето место во ракометот по завршувањето на кариерата. Го сакам она што го работам во ЕХФ како заштитно лице за Лигата на шампионите. Тоа ми даде еден сосем поинаков поглед на ракометот. Но, истовремено имав можност да работам и како тренер во последниве година дена и навистина уживав во тоа. Претставува вистинско задоволство страста кон ракометот да може да се пренесе на друг, со тоа како ти го гледаш и го чувствуваш ракометот, и истовремено да ги гледаш играчите како се подобруваат и учат нови работи. Не е важно во каков тим и на која возраст, дефинитивно би сакала да работам како тренер и со посетата на овој семинар го правам првиот чекор. И благодарам на РФМ што ми помага во тоа, навистина сум одлично прифатена од сите колеги и уживам. Сакам да работам во Македонија“ – ни изјави Ања Алтхаус.