Алекс Душебаев: Вардар заслужува голема почит, но ние сакаме да победиме пак!

Најефикасниот ракометар од првиот натпревар меѓу Вардар и Келце одигран во четвртокот во Скопје, Алекс Душебаев размислува победнички и пред вториот дуел кој се игра денеска во Полска.

Душебаев на средбата во Скопје беше стрелец на десет гола од 11 шута и со тоа беше најефикасниот играч на теренот и ракометар кој беше клучот во создавањето на разликата доволна за победа.

Алекс е играч кој добро го познава Вардар и поголемиот дел од ракометарите бидејќи и самиот играше за екипата која во 2017 година дојде до титулата во Лигата на шампионите.

Тој пред овој натпревар на кој вели дека очекува да има голема борба од вардарци кои ја сакаат победата очекува и да останат бодовите за неговиот тим велејќи дека тие им се потребни во трката за висок пласман во групата.

„Победивме на првиот натпревар во Скопје, но денеска не очекува сосема поинаков дуел. Не може да мислиме дека штом еднаш победивме дефинитивно ќе го направиме истото и повторно и тоа така лесно. Вардар сака реванш на овој натпревар и ние мораме да се бориме исто така добро како и на дуелот во Скопје. Многу работи се сменија во тимот на Вардар откако си заминав, но костурот на тимот остана. Се работи за познати и искусни ракометари. Вардар исто така го задржа својот карактер и тоа е тим кој се бори против секого и кој заслужува голема почит. Сепак, ние сакаме да победиме повторно“, изјавува Душебаев.

Натпреварот се игра денеска од 20:45 часот на теренот на Келце.