Александар Тренчевски го продолжи договорот со Прилеп

Екипата на Прилеп успеа за следната сезона да задржи уште еден ракометар од своите редови. Станува збор за искусниот пикер, Александар Тренчевски.

Раководството на Прилеп и Тренчевски ја продолжија соработката на уште една година. Во Прилеп, Тренчевски пристигна во пролетниот дел од завршената сезона и успеа со клубот да избори опстанок во Супер лигата.

Беше еден од најзаслужните за обезбедениот опстанок и главен бедем во одбраната на прилепчани. Претходно, Прилеп ги продолжи договорите со Реваз Чантурија, Давор Шокоски и Христи Бикоски.

Тренчевски во својата кариера настапуваше и за екипите на Вардар Јуниор, Зомимак, Струга, Паргас ИФ од Финска и за Астраион.

Прво официјално засилување за екипата на Прилеп е младиот ракометар од Бутел, Христијан Милошевски. Во наредниот период се очекува да се знае и судбината на останатите првотимци од екипата.