Ако ѝ веруваме на традицијата – Лазаров и Нант ќе станат европски шампиони!

Во седиштето на Европската ракометна федерација во Виена беше извршена ждрепката за фајнал-форот од Лигата на шампиони кој ќе се игра во Келн. Нант на Кирил Лазаров ја доби големата Барселона за противник во полуфиналето.

Во првтото полуфинале од 15:15 часот ќе се сретнат ПСЖ и Алборг, додека Нант и Барселона ќе играат во вториот термин од 18:00 часот. Ако ѝ веруваме на досегашната традиција Лазаров и Нант ќе станат европски шампиони.

Во досегашните 11 изданија во Келн, екипата на Барселона осум пати била во „Ланксес Арена“ и кога играла во првиот термин секогаш стигнувала до финале во Лигата на шампиони (пет пати). Но кога шпанскиот тим играл во вториот термин како што ќе биде сега (три пати), никогаш не усепал да се пласира во финалето.

Исто така уште еден статистички податок оди во прилог на Нант, односно во досегашните изданија на завршниот турнир 64% победници биле екипите кои обезбедиле финале во вториот полуфинален термин.

Според ова доколку продолжи ваквата традиција може да се случи Нант да стане европски првак и Лазаров уште еднаш да се искачи на врвот на Европа со својот клуб. Завршниот турнир во Келн ќе се игра на 12 и 13 јуни во „Ланксес Арена“.