Ако Толедо замине од Вардар – ќе дојде репрезентативец на Норвешка!

Следните две седмици би требало да биде познато кои од ракометарите што лани го носеа дресот на европскиот шампион Вардар ќе останат во тимот. Сите ги дадоа своите услови за останување во Скопје, а новиот претседател Михајло Михајловски треба да реши дали ќе има доволно пари за сите желби на играчите. Сите од искусните ракометари на Вардар изразиле желба за останување: Дибиров, Чупиќ, Стоилов, Дисингер, Калараш, Горбок...

Една од дефицитарните позиции во Вардар следната сезона ќе биде десен бек. Бразилецот Жозе Толедо има договор со Вардар на уште една сезона, но се поврзува со романскиот тим Баја Маре, каде што следната година ќе игра неговата девојка Лариса Араухо. Романските медиуми отидоа дотаму што пишуваа дека веќе потпишал тригодишен договор со Баја Маре.

Ако замине Толедо, негова замена во Вардар би требало да биде норвешкиот репрезентативец Еивинд Танген. Десниот бек последните две сезони ги мина во данскиот Скјерн и беше дел од Лигата на шампионите, но Скјерн е во голема финансиска криза и веќе го загуби Томас Могенсен, кој потпиша за Сондерјиске. Со оглед на кризата во клубот лесно може да се случи Танген да дојде во Скопје. Тој наводно имал контакти со „црвено-црните“, но се чека прво да се види што ќе биде до сегашните ракометари.

Танген потекнува од Филинген Берген, три сезони беше дел од Митјиланд, а во 2018 потпиша за Скјерн. Во норвешката репрезентација нема голема минутажа, со оглед на тоа што таму играат Харалд Рајнкинд, Магнус Род, Кент Робин Тонесен, Кристофер Рамбо….

Доколку дојде во Вардар, Танген ќе биде првиот Норвежанец што играл во македонски тим, а втор жител на оваа скандинавска земја што играл во нашата држава по Камила Херем, која помина една година во ЖРК Вардар.

Вардар ги продолжи договорите со неколку млади ракометари од сопствениот состав, а на масата на Михајловски има доста понуди за играчи кои се подготвени да дојдат во Скопје.