Ако нема услови во јуни, Вардар би можел да игра во јули против ПИК Сегед!

Европската ракометна федерација пред десетина дена го објави новиот календар на натпревари за јуни и јули, кој предизвика лавина негативни реакции кај сите ракометар(к)и и ракометни работници.

Ракометарите на Вардар ги чека тешка задача против ПИК Сегед во осминафиналето на Лигата на шампионите, а последниот ден за одложување, односно неиграње на овие натпревари е 15 мај. Сепак од ЕХФ најавува дека можно е да има нов календар за јули.

Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер во изјава за германските медиуми, вели дека ако нема можност за играње натпревари во јуни, ЕХФ има резервен календар за во месец јули.

„Сите натпреварувања ќе бидат комплетирани, некако, дури и ако мора ќе се игра во јули. Ако и тогаш нема доволно време да се одиграат сите рунди, некои натпревари нема да се одиграат и ќе важат резултатите од последните рунди“, вели Видерер.

Одложувањето на Олимписките игри значи дека играчите сепак ќе имаат летен одмор.

„Одложувањето на Олимписките игри ни одговара нас, но и на играчите. Тоа значи дека и покрај натпреварите во јуни и јули, тие ќе имаат доволно време за одмор. Сфаќам дека ќе имаме тешка задача да го направиме календарот за следната сезона, но убеден сум дека ќе го најдеме најдоброто решение заедно со клубовите, федерациите и  ИХФ“, продолжува Видерер.

Многу клубови ќе бидат погодени од кризата со коронавирусот, на некои им се заканува банкрот и допрва им претстојат тешки моменти, но ЕХФ нема начин како да им помогне.

„Ние не сме во состојба да обезбедиме финансиска поддршка за клубовите, бидејќи и ние сме погодени од кризата, како и националните федерации. Сепак наградниот фонд во Лигата на шампионите се зголемува од следната сезона кога ќе има нов формат“, заврши Видерер.

Дури и да има поместување, односно нов календар, прашање е со каков ростер би играл Вардар против ПИК Сегед, со оглед на тоа што голем дел од играчите и носителите на играта имаат договор до 30 јуни.

ЕХФ го премести завршниот турнир во Лигата на шампионите за 22 и 23 август, додека оној во ЕХФ Купот ќе биде на 29 и 30 август. Во женската ЛШ, завршниот турнир ќе се игра на 5 и 6 септември во Будимпешта.