Ако Македонија ги мине квалификациите, во баражот за СП ја чекаат Русија, Црна Гора, Германија, Унгарија…

Женската ракометна репрезентација на Македонија додека траеше Европското првенство во Данска требаше да ги игра квалификациите за бараж за Светско првенство во Шпанија.

Сепак тие беа презакажани и ќе се играат од 17 до 19 март 2021 година во Скопје. Доколку Македонија освои едно од првите две места, во што нема сомнеж, во конкуренција на Грција, Литванија и Исланд, ќе обезбеди место во баражот.

Веќе се познати десетте селекции кои од првиот шешир ќе ги очекуваат ривалите од квалификациите, меѓу кои би требало да биде и Македонија. Можни ривали на избраничките на Симе Симовски ќе бидат Русија, Германија, Црна Гора, Унгарија, Шведска, Романија, Србија, Полска, Чешка и Словенија.

Сите овие селекции се пласирани од 5 до 16 место на Европското првенство во Данска што се уште се одржува во скандинавската земја.

Термините за бараж натпреварите се од 16/18 април и 20/22 април 2021, додека Светското првенство во Шпанија ќе се игра од 2 до 19 декемри. Домаќинот и светскиот првак Холандија веќе имаат обезбедено место, а ова ќе биде прв женски Мундијал со 32 селекции, од кои дури 16 ќе бидат од европскиот континент.