Аеродром убедлив против Текстилец, најави добар дуел против Алкалоид

Ракометарите на Аеродром на свој терен остварија убедлив триумф против Текстилец со 34:22 во рамките од 12. коло во Првата лига. Денешната победа за избраниците на Дарко Петровски беше загревање за дуелот против лидерот од Групата Б, Алкалоид, кој ќе се одигра на 19 декември.

Екипата на Аеродром во воведниот дел имаше максимална реализација и водство од 6:2. Гостинската екипа од Штип ја искористи секоја грешка на домаќините и со неколку погодоци во серија стигна на минус еден, 6:7. Tрите промашени контри и грешките во нападот од страна на Аеродром беа причина за поголема неизвесност во првата половина од првиот дел. Петрески со својот трет гол во 20. минута донесе плус три позитива за домашната екипа, 10:7, а минута подоцна, неговиот колега, Митревски реализираше за 11:7. Аеродромци влегоа во убава серија, иако имаа неколку шанси да го зголемат своето водство на шест гола разлика, сепак, на пауза заминаа со поволен резултат од 13:8.

Второто полувреме започна со неколку грешки на двете страни. Мразот во вториот дел беше скршен со голот на домашната екипа за највисока предност од плус шест, 14:8. Ракометарите на Текстилец капитулираа по пет минути игра во второто полувреме и му дозволија на својот противник да ја контролира играта до последната секунда од натпреварот.

Разиграните ракометари во вториот дел, Маркудов и Пејковски, ја одржуваа високата разлика на Аеродром, која на неполни петнаесетина минути пред крајот изнесуваше 22:14. Домаќините рутински ги одработија последните минути и успеаја да го зголемат водството за конечни 34:22.

АЕРОДРОМ – ТЕКСТИЛЕЦ           34:22 (13:8)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Начевски од Скопје и Даниело Божиновски од Битола. Делегат: Цано Куртовиќ од Скопје.

АЕРОДРОМ: Богдановски, Илиевски, Ивановски, Огненовски 4, Пејковски 7, Симоновски 1, Петровски 1, Василевски, Олтовски 2, Маркудов 9, Василев 1, Петрески 4, Митревски 5

Седмерци: -, Исклучувања:

ТЕКСТИЛЕЦ: Шутев, Петров 3, Стојменов 1, Миланов, Хаџи Николов 6, Димитров 1, Јованов 1, Ристов 6, Димитријев 1, Митрев 3, К. Атанасов, Димчевски, Трајчов, Т. Атанасов

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 4 мин.