Светската ракометна федерација направи уште еден чекор напред во технологијата со воведување на судиска камера на голем меѓународен настан за првпат. Оваа иновација го имаше своето „деби“ на отворањето на Светското клупско првенство во Египет, кога на сите закажани натпревари беше користена оваа технологија.
Новата „Ref Cam“ носи свежа перспектива во светскиот ракомет и претставува значајно дополнување во начинот на кој спортот се претставува и доживува.
Оваа камера веќе е воведена и во фудбалот, за време на Светското клупско првенство на ФИФА 2025.
„Многу е полесно да се види што навистина гледаат судиите на теренот и каде се позиционирани. Подобро можеме да разбереме зошто донеле или не донеле одредена одлука, бидејќи судиите често мораат да управуваат со повеќе ситуации истовремено. Фокусирањето на најважната и предвидувањето на следната акција, како и нивната позиција и агол на гледање, се многу важни во модерниот ракомет,“ изјави Пер Мортен Содал, претседател на Судиската комисија на ИХФ.
Новата камера беше употребена уште првиот ден на шампионатот, во сите три меча, со три судиски двојки – Норвежаните Ларс Јорум и Хавард Клевен, Словенците Бојан Лах и Давид Сок и Германците Роберт Шулце и Тобијас Тениес.
Камерата тежи само 14 грама и не го попречува движењето или искуството на судиите. Таа претставува револуционерен напредок во судиската технологија – лесна камера прикачена на слушалки и компактна единица за пренос или снимање.
„Камерата ја создадоа двајца германски судии, Патрик Кесел и Никола Винтер, кои судат фудбал во Бундес лигата. Идејата беше да се подобри судиската обука – алатка од судии за судии, за да можат подобро да разберат зошто се донесени одредени одлуки и како да ја подобрат одлучноста,“ изјавија од производителот на камерата од Германија.
Камерата има и интегриран микрофон, со што може да се снима и комуникацијата меѓу судиите за дополнителна анализа.
„Првпат навистина гледаме што гледаат судиите. Иако не е 100% идентично – бидејќи тие можат да гледаат со очи во друг агол – сепак сме многу поблиску до нивната реална перспектива. И самите судии беа воодушевени кога го видоа ова,“ додаде Содал.
Со зголемувањето на брзината на ракометот и стотиците одлуки кои судиите мораат да ги донесат во еден меч, оваа перспектива носи нова димензија во едукацијата и обуката на младите судии.
Оваа технологија ќе го промени и искуството на гледачите во арената, кои ќе можат на екрани да гледаат што гледаат судиите, а ТВ преносите ќе добијат сосема нова перспектива, со моменти кои класичните камери не ги забележуваат.
„Постојано работиме на подобрување на камерата, на квалитетот на видеото, стабилноста и употребливоста. И веќе имаме позитивни реакции – дури и од Пјерлуиџи Колина, шефот на судиите во ФИФА,“ велат од ИХФ.
Со новитети како ВАР технологијата, тајм-аут копчето и подобрената аудио-комуникација меѓу судиите, светот на судењето во ракометот се промени драстично во последните 15 години, давајќи податоци и алатки кои го унапредуваат спортот.
„Ќе ја користиме технологијата и во иднина, но мора да ја користиме правилно. Судиите мора да ја задржат својата авторитетна улога како главни одлучувачи. Ако нашите најдобри судии не можат да носат силни одлуки, тогаш како ќе може тоа да го направи 16-17 годишно момче или девојка што суди своја прва сезона?“, заклучува Содал.