Ракометарите на Партизан славеа убедлива победа над Лавови со 40-27 во шестото коло од српското првенство, но резултатот остана во сенка на немилите сцени што се случија во 54. минута од натпреварот.
По постигнатиот гол, ракометарот на Партизан, Владислав Кулеш, ненамерно го удри Александар Стојковиќ, кој практично беше нокаутиран и се најде на подот. Следуваа шокантни моменти, а повредениот ракометар мораше да биде изнесен од теренот на носилки.
Драмата дополнително се зголеми бидејќи на трибините беа присутни и родителите на Стојковиќ. Неговиот татко, Растко Стојковиќ, поранешен српски репрезентативец и освојувач на сребрен медал на ЕП во 2012 година, видно вознемирен и во бес истрча на теренот и се обиде да се соочи со белорускиот ракометар.
Ситуацијата се закануваше да прерасне во сериозен инцидент, но играчите и членовите на стручните штабови на двете екипи брзо реагираа, успеаја да го смират вознемирениот Стојковиќ и да спречат дополнителна ескалација.


























