Ракометарите на Еурофарм Пелистер беа убедливо поразени од Војводина со 33:27 во дуелот за трето место на турнирот „Куп на пријателство“ во турскиот град Сакарија.
По израмнетиот почеток, односно по нерешените 3:3, пелистерци заиграа поангажирано, го затворија еден од лидерите на Војводина, левиот бек Пуховски, и лесно се справуваа со одбраната на српскиот шампион, па така со два гола во низа се одлепија на 5:3. Војводина влезе во мала криза, правеше почетнички грешки и дозволи македонскиот шампион до 20-та минута да има резултатска контрола од два до три гола разлика.
Еурофарм Пелистер кон средината на првиот дел зголеми на плус три, 8:5, потоа имаше 9:6, а Војводина со серија од 3:0 се врати во игра израмнувајќи на 9:9. Во следниот период се играше гол за гол, откако беше 10:10, тимот од Нови Сад за првпат поведе, реализираше за 11:10.
Последните пет минути минаа во знакот на Војводина, која од 12:11 направи серија од 4:0 победувајќи со 15:12. Тоа беше знак за Еурофарм Пелистер дека треба максимално да одработи доколку посакува победа, па така во завршните минути беше намалена негативата на 15:14.
Иако пелистерци во вториот дел најпрво израмнија на 15:15, потоа поведоа со 16:15, српскиот шампион го презеде водството и во 40-та минута дојде до највисоката разлика која ја имаше во првиот дел, поведе со 22:19, дојде и до 23:19, и до крајот од дуелот диктираше темпо на игра и ги држеше „конците“ во свои раце.