Нема крај на проблемите во Автокоманда: Озтурк и Рибеиро „се поздравија со соиграчите“…

За утре е закажан натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Металург во Битола во 17,30 часот. Последната надеж за управата и стручниот штаб е утре до 13 часот екипата комплетна да замине за Битола. Ако играчите останат на ставот што го соопштиле, веројатно нема да се појават пред автобусот, и нема да отпатуваат за мечот со Еурофарм Пелистер 2.

Екипата на Металург се соочува со нови проблеми, а тренерот Иван Марковски одново ќе се најде во тешка позиција бидејќи е неизвесно со каков состав ќе го финишира првиот дел од сезоната односно ќе ги одигра натпреварите против Еурофарм Пелистер 2 (утре), Тиквеш и Струга. Двајца интернационалци, Турчинот Халил Озтурк и Португалецот Улисес Рибеиро на денешниот попладневен тренинг се поздравиле со соиграчите и најавиле заминување.

Според информациите до кои доаѓа редакцијата на 24 Ракомет двајцата ракометари не тренирале во последните неколку денови и го напуштиле тимот, па јасно е дека екипата ќе остане десеткувана на последните натпревари и ќе биде навистина тешко да се одиграат истите. Во случај да не се одиграат два натпревари, следува казна и исфрлање во најнизок ранг.

Уште по првите најави за можно заминување на двајцата ракометари, 24ракомет се обиде да стапи во контакт со играчите. Нашите напори да добиеме одговори од нив остана безуспешен. Тие не одговорија на нашите повици и пораки.

Проблемите се јасни и се од финансиска природа. Доцнењето со исплатата на платите беше проблем и во текот на целиот есенски дел со оглед на тоа што од исти причини прво близнаците Оливие и Кевин Њокас заминаа во Вардар, а нивниот сонародник Абдула Мане се врати во Франција. Во еден период се споменуваше заминување и на Хорват, но тој го продолжи својот настап откако доби дел од парите. Сепак, сега со заминувањето на Озтурк и Риберио станува многу посериозно бидејќи сега играчкиот кадар е сè помал.

Неизвесно е како ќе биде после полусезона, бидејќи пивотменот Милан Лазаревски беше на проба во Словенија во екипата на Тримо и веројатно е дека ќе замине таму.

Пред гостувањето кај Пролет на 27 ноември исто така имаше бранување во „Автокоманда“ бидејќи немаше тренинзи и ракометарите штрајкуваа. Сепак, откако бурата се стиши малку тие успеаја да го совладаа Пролет со 31:29.

Во меѓувреме Рибеиро беше во тимот, но не играше. Постојано седеше на клупата, а сега ситуацијата е полоша бидејќи ракометарите си заминаа и бројката на играчи со кои Марковски располага е 11 играчи. Од нив тројца се голмани, а Каковски е повреден така што изборот на играчи во поле ќе биде шест.

Ќе биде навистина тешко да се финишира оваа полусезона иако има уште три средби, а потоа до февруари ќе има само малку простор за да се консолидираат редовите.