Неготинци убедливи, Шампион 19 минути играше со играч помалку

Во рамки на 10. коло од Групата А во Првата лига екипата на Вардар Неготино, дојде до победа на свој терен против екипата на Шампион со резултат 28:13. Шампион на овој натпревар имаше кратка клупа, настапи со само седум ракометари, а во последните 19 минути играше со ракометар помалку поради повредата на Михаил Кочаров.

Со оглед на ростерот и својот квалитет, гостите од Скопје во воведниот дел имаа изненадувачко водство од 3:1. Неколку неискористени ситуации во нападот на домаќините беa причина за највисоко водство на избраниците на Слободан Чивлачки од 4:1. Во продолжението се играше доста ефикасно, а за неизвесноста се погрижи гостинската екипа која пружи силен отпор во првите 30 минути.

Вардар Неготино со неколку комбинации во нападот се обидуваше да стигне до голот на противникот. Со погодокот на Дебрешлиоски, Шампион по петнаесетина минути игра имаше водство од 7:6. Домаќинот го израмни резултатот на 7:7 и во следниот период имаше мала контрола на играта. По дваесетина минута игра, избраниците на Аце Станковски водеа со плус три, 10:7. Сепак, голманот на гостите, Сотировски, со пет интервенции во првото полувреме не дозволи домашната екипа да се одлепи на поголема предност, па така на полувреме составот на Вардар Неготинo замина со 11:9.

Неготинци во второто полувреме со два гола во низа ги имаа највисоките четири гола предност, 13:9. Првиот гол во вториот дел ракометарите на Шампион го реализираа преку Велјановски за намалување на 10:13. Поради недостатокот од играчи плус во својата екипа, Шампион немаше доволно сила во последните 20 минути. Заморот си го направи своето, а комплетниот состав на Вардар Неготино во 40. минута имаше предност од 18:11. Голем хендикеп за Шампион беше повредата на Михаил Кочаров во 41. минута. Поради тоа, гостинскиот тим до крајот на натпреварот играше со играч помалку.

Како што одминуваше времето, така разликата драстично растеше за ракометарите на Вардар Неготино. Водството од плус десет, 22:12, значеше нова победа и нови бодови на свое конто за екипата на Вардар Неготино. Најефикасен во победничката екипа беше Драган Кузманов со седум погодоци. Во поразениот табор, Бобан Дебрешлиоски и Александар Велјановски беа најефикасни со по пет постигнати погодоци.