Лазаров: Поставивме нов систем, играчите се навикнаа на начинот на кој ќе функционираме во иднина

Машката репрезентација на Македонија забележа победа и пораз во двомечот со светскиот првак Данска и го потврди своето место на Европското првенство во 2022 година во Унгарија и Словачка.

Новиот селектор Кире Лазаров стартуваше успешно на новата функција, и се виде една нова енергија во националниот тим што фалеше претходно.

Лазаров е задоволен од сработеното за време на оваа ЕХФ недела, а следните обврски ќе бидат кон краот на април, односно почетокот на мај.

„Комплетно сум задоволен од она што го сработивме во овие девет дена. Го победивме и надигравме светскиот и олимписки шампион. Поставивме мала база на нов систем, играчите се навикнаа на начинот на кој ќе функционираме во иднина. На вториот натпревар промовиравме млади играчи од Суперлигата на кои ќе сметаме во иднина – Аларов, Ѓорѓиев, Младеновиќ, Ѓорговски, Кузманоски, Костески…Имам скоро комплетна слика што треба да работиме на следниот собир, а тогаш ќе инсистирам на надоградба на сработеното“, изјави Лазаров за 24Ракомет.

Сепак има нешто воо целата приказна што го загрижува селекторот.

„Единствено нешто за кое што сум загрижен е индивидуалната физичка подготвеност на играчи, особено на оние што играат во домашното првенство. Во иднина ќе мора тие самите индивидуално да поведат грижа, инаку ќе им биде тешко да влезат во потесен круг на репрезентацијата. Многу тешко со ваков однос ќе се носим со најдобрите европски и светски репрезентации, особено на големите натпреварувања каде што има турнирски систем и каде што се игра на секои два дена“, заврши Лазаров.

Следен предизвик за македонската репрезентација и за Лазаров ќе бидат дуелите со Финска во Рихимаки на 29 април, како и оној со Швајцарија што ќе се игра во Скопје на 2 мај.