Кристијан Дисингер заминува од Вардар!

Германскиот интернационалец Кристијан Дисингер по три сезони поминати во Скопје ќе си замине од Вардар.

Дисингер за германските медиуми потврди дека нема да му биде продолжен договор со македонскиот тим и дека веќе е во преговори со неколку клубови. Не е исклучено ниту да се врати во Бундес лигата, од каде што дојде во Вардар.

Германецот дојде од составот на Кил во „црвено-црните“ редови во 2018 години и беше дел од освојувањето на втората шампионска титула во 2019 година.

Сепак повредите го спречија да го искаже целиот свој потенцијал во вардаровиот дрес, a од лето ќе има нов клуб. Пред да го продолжи договорот со Вардар минатото лето, португалскиот Спортинг Лисабон пројавуваше интерес за германскиот интернационалец.

Дисингер потекнува од тимот на Лудвигсхафен, беше член на Либек и Кил во Бундес лигата, а има настапувано и за швајцарскиот Кадетен Шафхаузен и шпанскиот Атлетико Мадрид.

Вардар на левата бековска позиција досега го ангажираше хрватскиот интернационалец Анте Кудуз од Динамо Букурешт, договор за следната сезона има и Васко Шеваљевиќ, а не е исклучено да биде донесе уште еден играч на оваа позиција.