ЕХФ потврди: Вардар и Металург ќе играат европски натпревари на 22 декември

Европската ракометна федерација денеска ги потврди вчерашните најави дека македонските тимови Вардар и Металург ќе одиграат уште еден европски натпревар пред крајот на 2020 година.

Вардарци ќе гостуваат кај унгарскиот ПИК Сегед, во заостанатиот натпревар од 3. коло во Лигата на шампионите. Овој дуел ќе се игра на 22 декември со почеток во 20:45 часот.

На истиот ден и во истиот термин, но во СЦ „Јане Сандански“, Металург ќе го одигра заостанатиот дуел со австрискиот Фајверс од 3. коло во Лигата на Европа.

На Вардар ќе му останат за играње уште домашните мечеви со Елверум и ПСЖ, како и гостинските против францускиот тим и Порто, додека на Металург му остануваат две пресметки со Чеховски Медведи и домашниот дуел со Висла Плоцк.