Драматичен крај во Автокоманда: Еурофарм Пелистер преку Алкалоид на чекор до титулата

Во дерби дуелот од деветтото коло, Алкалоид е поразен на домашен терен од Еурофарм Пелистер со 27-28(15-16). Во натпревар кој решава многу за конечниот распоред на врвот од македонската Суперлига Еурофарм Пелистер беше поуспешен во воведот и финишот на првото полувреме, а средината им припадна на ракометарите на Алкалоид. Во второто полувреме двете екипи наизменично се менуваа во водство, а драматичната и изедначена игра заврши со минимална победа од еден гол или 27-28 за гостите од Битола.

Рано во натпреварот гостите од Битола создадоа предност од два гола, која ја одржуваа до 8.минута. Низа грешки и брза транзиција им ја донесе првата предност на Алкалоид на овој дуел. На средина на првото полувреме Алкалоид го имаше и највисокото водство од два гола, но не успеа да го одржи и надгради. Во егал игра, финишот на првиот дел го искористија ракометарите на Еурофарм Пелистер за да ја вратат контролата над резултатот и темпото. Затоа на крајот на првиот дел имаа гол предност во однос на Алкалоид од 15-16.

Вториот дел помина во изендачена игра, каде двете екипи се менуваа во водството. Прво Алкалоид ја врати минималната предност, а потоа следуваше одговор од македонскиот вицепрвак. Секоја грешка, секоја добра одбрана беше казна на другата страна. Токму тие детали ги носеа едната или другата екипа во водство.Така беше до 40 минута кога Атанасиевиќ им донесе два погодока предност на гостите од Битола. Гостите преку искусните Хосни, Суси и Пешевски ја одржуваа разликата на два гола, а на спротивната страна Алкалоид пробиваше низ средината. Во 50 минута Хенеберг го донесе Хенеберг на „плус три“.


Алкалоид успеа бргу да се врати. Во 52. минута Галески одбрани седмерец на Суси и им донесе шанса на домаќините да го израмнат резултатот. Митев беше прецизен за 24-24 во 54.минута. Еурофарм Пелистер се врати во водство преку Пешевски.
Во слично темпо продолжи драматичната завршница на дуелот, во која гостите имаа минимална предност. Битолчани направија техничка грешка во напад, па на минута до крај Алкалоид имаше напад и за водство. Серафимов шутираше во голманот Лесјак, а Хененберг на пет секунди до крај ја врати минималната предност кај „зелено-белите“ за конечни 27-28 и голема победа на Еурофарм Пелистер.

Доколку нема нови изненадувања во македонската Суперлига и Еурофарм Пелистер очекувано одигра против реално послабите по квалитет противници, минимална победа против Вардар во „Боро Чурлевски“ по долг период повторно ја носи титулата во Битола.

Најпрецизни на дуелот беа Васиљев, Хосни и Хененберг со по 6 голови за Еурофарм Пелистер. Кај домаќините Митев и Симоновски постигнаа по 5 голови.