Без Дисингер, Мишевски, Кантегрел…Вардар со 16 ракометари патува во Порто

По двете победи над Војводина и Нексе Нашице во регионалната СЕХА лига, ракометарите на Вардар ги чекаат шест натпревари во Лигата на шампионите.

Прв предизвик е португалскиот првак Порто, кој во првиот меч во Скопје успеа да им откине бод на вардарци.

„Црвено-црните“ денеска заминуваат за Софија, од каде што утре ги чека лет до Франкфурт, и потоа до Порто, а таму ќе патуваат 16 ракометари.

Тоа се истите што играа вчера со Нексе – Ристовски, Кизиќ, Димитриоски, Дибиров, Чупиќ, Георгиевски, Векиќ, Вујин, Јагуриновски, Талески, Јотиќ, Гаџа, Стоилов, Валчак, Калараш, а во ЛШ ќе дебитира Васко Шеваљевиќ.

Стратегот Стевче Алушовски нема да смета на повредениот Кристијан Дисингер, а во Скопје ќе останат голманот Кантегрел, како и бековите Мишевски и Карапалевски.

Вардарци во петок доцна се враќаат од Порто, ќе минат два дена во Скопје и потоа ќе заминат на врзаното гостување кај ПСЖ и Фленсбург.