Ѓорче Петров го освои Куманово, сега е во пол позиција за титулата!

Ракометарките на Ѓорче Петров остварија голема победа на гостувањето против Куманово од 22:27 со која го преземаа лидерското место на табалата и се доближија на чекор до шампионската титула во Женската лига.

На првиот меѓусебен дуел во Ѓорче Петров Кумановки славеа со 20:24, но сега триумфот од пет гола им овозможи на ракометарките на Ѓорче Петров да бидат во пол позиција. Само во последното коло потребно е на домашен терен да го совладаат Металруг и ќе станат шампиони на Македонија.

Петнаесетина минути се играше израмнето со малку голови. Од резултат 5:5 Куманово влезе во криза во нападот и не успеваше да постигне погодок. Ова го искористија ракометарките на Ѓорче Петров и со серија од четири гола поведоа 5:9.

До крајот на првиот дел гостите успеаја да ја одржуваат предноста и на полувреме имаа позитива од три гола, 10:13. Десет минути се играше гол за гол во продолжението, а потоа следуваше нов одличен период на Ѓорче Петров кој беше клучен за победникот на овој дуел.

Избраничките на Симе Симовски во 52. минута стигнаа до највисоките осум гола предност и беа на чекор до потребната победа да избијат пред Куманово на чело на табелата. До крај  на мечот Куманово успеа да намали но сепак гостински ракометарки славеа победа од пет гола колку што им беше потребно.

Најефикасна во екипата на Куманово беше Наташа Нолевска со пет гола, а по четири постигнаа Алмеида, Цветановска и Кипријановска. Предводничка на Ѓорче Петров беше Симона Стојановска со десет гола, додека Ана Марија Коларовска постигна шест гола.