Тимот на Чаир доби ривал по мерка во третото коло од ЕХФ Европскиот Куп – ќе игра против составот на Азербејџан. Станува збор за шампионот на оваа земја, но од сезоната 2024/2025, бидејќи минатата сезона не беше довршена и оваа земја официјално нема шампиони ниту во машка, ниту во женска конкуренција.
Кур испиша историја оваа сезона со пласманот во третата рунда од ЕХФ Европскиот Куп, бидејќи во четвртото учество, успеа да мине едно коло. Ривал беше кипарскиот Апоел, а на двата меча што се игра во Азербејџан, славеше Кур со 40-18 и 39-13.
Во претходните три сезони, Кур беше елиминиран од италијанскиот Салерно, грчкиот Јонијас и португалскиот Сао Педро, со пет убедливи порази и само едно реми.
Tимот на Кур потекнува од градот Мингачевир, петти град по големина во Азербејџан, а натпреварите ги игра во „Олимписки центар“. Името го доби по реката Кура, која го дели градот на две половини, а oд главниот град на Азербејџан, Баку, е оддалечен околу четири часа возење.
На претходните два меча со Апоел од Кипар, кои се игра во Мингачевир, имаше по околу 600 гледачи. Ова се единствените два меча што ги има одиграно Кур во оваа сезона, па Чаир од таа гледна точка, ќе има голема предност, бидејќи е веќе во натпреварувачка форма. Минатата сезона првенството беше прекинато поради лошата финансиска ситуација во националната федерација, а сите останати клубови освен машкиот и женскиот тим на Кур, ставија „катанец на врата“.
Што се однесува до играчкиот кадар, Кур во минатото сметаше на многу руски ракометарки и некои од поранешните СССР простори, а сега има на располагање 17 ракометаки меѓу кои се пет интернационалки – три Црногорки, една Хрватка и една Русинка.

Познато име за македонската јавност е левиот бек Есма Муратовиќ, која во сезоната 2023/2024 играше за нашиот шампион Ѓорче Петров. Тука се уште младата руска голманка Анастасија Хлебалова (19), искусната Ана Марија Гугиќ од Хрватска (екс Подравка, Ериче), која има 35 години и игра на десната бековска позиција, како и средниот бек Ана Радовиќ и пивотот Дајана Миљаниќ.
На двете средби со кипарскиот Апоел од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп, најмногу голови – 19, даде Есма Муратовиќ, 12 пати стрелаше Ана Радовиќ, додека капитенот Сабина Смагина, која игра на десната крилна позиција реализираше 11 пати, па стручниот штаб на Чаир веќе знае на кои ракометарки треба да обрне најмногу внимание во одбраната. Искусниот среден бек Марта Абасова, исто така е едно имињата на кои треба да се обрне внимание, заедно со пивотот Миљаниќ и десниот бек Гугиќ.
Севкупно земено, Кур има солидна прва постава, но Чаир има подобар состав на хартија и ќе биде фаворит за пласман во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп, со што клубот би го повторил најголемиот успех во Европа. Сепак не треба во никој случај да биде потценет ривалот, иако доаѓа од неракометна земја, во која сезонава не се игра првенство.

























