Бутел гостува кај Горица, капитенот Ѓоргиевски е оптимист: Имаме шанса за позитивен резултат

Ракометарите на Бутел Скопје ги очекува предизвик во ЕХФ Европскиот Куп и гостување кај хрватската Горица.

Капитенот на Бутел Скопје, Димитар Ѓоргиевски, досега беше дел од сите европски настапи на клубот, а ова ќе биде петти негов настап во Европа.

Тој смета дека ривалот има квалитетен ростер и не за џабе има шест победи на шест меча во хрватскиот шампоионат, меѓу кои и триумф над учесникот во Лигата на Европа, Сесвете, со 32-31.

„Не очекува еден тежок двомеч со квалитетен противник, но мислам дека имаме реални шанси да го поминеме првото коло. Добро ги анализиравме во текот на оваа недела,во добра форма се во нивното првенство, нема некое познато име, но играат доста квалитетен ракомет. Со наша добра одбрана и паметни решенија во нападот, имаме шанса за позитивен резултат“, смета Ѓоргиевски.

Бутел Скопје е рангиран повисоко од страна на ЕХФ од хрватскиот состав. Mакедонскиот тим е на 39 место, додека Горица дури на 55 позиција.

„Искрено сум изненаден што се толку ниско рангирани според ЕХФ, ние ќе дадеме се од себе да ја оправдаме фаворитската улога доколку не сметаат за фаворити“, вели Ѓоргиевски.

Првиот меч меѓу Горица и Бутел се игра утре од 18:00 часот, додека реваншот е на 24 октомври од 17:00 часот во Скопје.