Еурофарм Пелистер остана максимален, Струга убедливо славеше во Кавадарци, а Вардар ја запиша третата победа во низа. Еурофарм Пелистер 2 освои четири бода, откако покрај мечот од петтото, го одигра и дуелот од шестото коло во Автокоманда.
Седум натпревари со вкупно 419 гола донесе петтото коло во кадетската машка ракометна лига на Македонија, со просек од 59,86 погодоци по средба. Најефикасен беше Теодор Гиевски од Македонија Ѓорче Петров со 13 гола, додека најнеизвесната завршница се одигра меѓу Пролет и ланскиот победник во пионерската конкуренција во генерацијата 2010, тимот од Автокоманда. Дополнително, во Група А беше одигран и натпреварот од шестото коло, во кој Еурофарм Пелистер 2 славеше во Автокоманда со 25-22.
ГРУПА А
Еурофарм Пелистер отвори со 6-0 и стигна до петтата победа
Еурофарм Пелистер го совлада Прилеп со 42-20 и ја забележа петтата победа во исто толку натпревари. Битолчани ја презедоа контролата уште на почетокот и не му дозволија на противникот да ја загрози нивната предност. Домашниот состав ги постигна првите шест гола, а Прилеп првпат погоди во десеттата минута. Еурофарм Пелистер потоа се одвои на 13-3, а во завршницата на првото полувреме водеше и со 23-7. Гостите намалија со четири погодоци во низа, пред на паузата резултатот да биде 24-11.
Прилеп во вториот дел се доближи до 27-16, но битолчани повторно ја зголемија разликата. Со серија 6-0 од 31-18 стигнаа до 37-18, а највисоката предност беше конечните 22 гола. Илија Трајчевски постигна седум гола за победникот, Андреј Китески и Дамјан Мартиновски по пет, а Филип Чокузовски и Матеј Мачковски по четири. Кај Прилеп, Мартин Димоски, Илија Стојаноски и Вања Ѓорѓиоски дадоа по четири погодоци.
Пролет од плус седум до неизвесна завршница
Пролет го победи тимот од Автокоманда со 29-26, откако во завршницата мораше да ја брани победата и покрај тоа што претходно имаше седум гола предност. Домаќините водеа со 5-2 во почетниот период, а гостите во неколку наврати се доближуваа на еден гол. Пролет ја заврши првата половина со три последователни погодоци за 16-11.
Во второто полувреме домашниот состав стигна до 21-14 и 22-15, но тимот од Автокоманда постепено ја намалуваше негативата. На 96 секунди до крајот Димитри Колески погоди за 27-26 и ја врати неизвесноста. Сепак, Пролет не дозволи израмнување. Дамјан Алкушоски на 39 секунди до крајот зголеми на 28-26, а Марио Поповиќ го постави конечниот резултат.
Филип Коцев постигна 11 гола за Пролет, Поповиќ осум, а Алкушоски четири. Кај гостите, Колески даде шест, Марко Димитриевски и Калин Краљевски по пет, а Меглен Канзуров четири гола.
Серија 7-0 ја реши средбата меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Преспа
Еурофарм Пелистер 2 ја победи Преспа со 30-20, но убедливата конечна разлика не ја отсликува неизвесноста во поголемиот дел од натпреварот. Ресенскиот состав водеше во повеќе наврати во првото полувреме, а највисоката предност ја имаше при 13-10. Битолчани се вратија со три гола во низа, а на паузата резултатот беше 14-14.
Преспа продолжи да се спротивставува и во вториот дел. Водеше со 17-16, а последното израмнување беше на 18-18 во 44. минута. Потоа следуваше решавачката серија на Еурофарм Пелистер 2. Со седум последователни погодоци битолскиот состав поведе со 25-18 и го реши прашањето на победникот.
Новак Вељановски даде осум гола, Марко Гламновски седум, а Марко Спировски пет за победникот. Виктор Ѓорѓиевски со 12 погодоци беше најефикасен на средбата. За Преспа, Александар Волкановски, Матеј Ивановски и Давид Димовски додадоа по два гола.
Ојлески и Ферукоски со по десет гола за убедлива Струга
Струга славеше на гостувањето кај Тиквеш со 36-22. Горазд Ојлески и Давор Ферукоски постигнаа по десет гола и заедно реализираа повеќе од половина од погодоците на гостинскиот состав. Стружани отворија со 3-0, а од водство 6-3 направија серија 5-0 за 11-3. Гостите продолжија да ја зголемуваат предноста и на полувремето водеа со 22-11.
Во вториот дел Струга стигна до 26-12, а највисоката разлика беше 15 гола, при 30-15. Тиквеш до крајот успеа само да ја намали негативата. Покрај Ојлески и Ферукоски, кај победникот Матеј Ковачески и Марко Танаскоски постигнаа по три гола. Филип Јанчев и Благој Најдов со по седум беа најефикасни кај Тиквеш, а Зоран Булуков даде четири погодоци.
ШЕСТО КОЛО: Еурофарм Пелистер 2 со пресврт до победа во Автокоманда
Еурофарм Пелистер 2 го одигра и натпреварот од шестото коло, во кој ги совлада „сино-белите“ од Автокоманда со 25-22. Домаќините имаа подобар почеток и водеа со 4-2 и 6-4, но потоа битолчани направија серија 6-0 и го свртеа резултатот на 10-6. Предноста ја зголемија до 14-9, пред составот од Автокоманда да намали на 14-11 до полувремето.
Гостите го задржаа водството во продолжението, иако домаќините во неколку наврати се доближуваа на два гола. Последен пат тоа се случи при 21-18, по што Еурофарм Пелистер 2 постигна три последователни погодоци за највисоки 24-18 во 57. минута.
Новак Вељановски даде осум гола за победникот, Марко Спировски седум, а Благој Ристевски шест. Кај домаќините, Димитри Колески постигна шест, Калин Краљевски пет, додека Лука Ѓеоргиевски, Мартин Поп Николовски, Меглен Канзуров, Андреј Николоски и Мартин Грашески дадоа по два.
РЕЗУЛТАТИ – 5. КОЛО:
Еурофарм Пелистер – Прилеп 42-20 (24-11)
Пролет – Алкалоид 29-26 (16-11)
Еурофарм Пелистер 2 – Преспа 30-20 (14-14)
Тиквеш – Струга 22-36 (11-22)
ОДИГРАНО ОД 6. КОЛО:
Алкалоид – Еурофарм Пелистер 2 22-25 (11-14)
ТАБЕЛА:
1. Еурофарм Пелистер – 10 бодови
2. Еурофарм Пелистер 2 – 9 бода
3. Пролет – 6
4. Струга – 6
5. Алкалоид – 4
6. Прилеп – 3
7. Преспа – 2
8. Тиквеш – 2
* Табелата го вклучува и одиграниот натпревар од шестото коло.
НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ – ГРУПА А:
1. Виктор Ѓорѓиевски (Преспа) – 69 гола
2. Филип Коцев (Пролет) – 51
3. Новак Вељановски (Еурофарм Пелистер 2) – 49
4. Горазд Ојлески (Струга) – 42
5. Марио Поповиќ (Пролет) – 36
6. Марио Ѓорѓиев (Тиквеш) – 31
7. Марко Ивцев (Прилеп) – 30
7. Калин Краљевски (Алкалоид) – 30
9. Иван Светиев (Еурофарм Пелистер 2) – 26
10. Марко Гламновски (Еурофарм Пелистер 2) – 25
10. Матеј Ковачески (Струга) – 25
* Моменталната листа ги вклучува и головите од одиграниот натпревар од шестото коло.
СЛЕДНО КОЛО:
Еурофарм Пелистер – Пролет
Прилеп – Струга
Преспа – Тиквеш
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.
ГРУПА Б
Вардар со две серии 5-0 го совлада Младост
Вардар ја забележа третата последователна победа, откако го совлада Младост со 36-25. „Црвено-црните“ водеа со 19-13 на полувремето, а во вториот дел создадоа двоцифрена предност.
Домаќините отворија со 4-0, но богданчани се вратија и намалија на 4-3. Младост остана блиску до 8-6, по што Вардар со пет последователни гола се одвои на 13-6.
Гостите го почнаа второто полувреме со погодок за 19-14, но следуваше уште една серија 5-0 на Вардар, овој пат за 24-14. До крајот домашниот состав ја задржа контролата и стигна до убедлив триумф.
Никола Никчевиќ и Јаков Атанасовски постигнаа по седум гола за Вардар, а Филип Блажевски и Марко Анастасијевски по шест. Кај Младост, Стојан Иванџиков даде девет, Матеј Митев седум, а Даниел Милановски шест гола.
Во Автокоманда „паднаа“ 81 гол
Мулти Есенс ја совлада Македонија Ѓорче Петров со 52-29 и ја забележа четвртата победа во исто толку одиграни натпревари. Со вкупно 81 погодок, ова беше најефикасниот меч во петтото коло. Домашниот состав рано ја направи разликата. Од 5-2, со шест последователни гола стигна до 11-2, а потоа поведе и со 21-8. На паузата „витамините“ имаа двојно повеќе голови од противникот, 24-12.
Во вториот дел домаќините продолжија да ја зголемуваат предноста. Во завршницата, од 45-28 со серија 6-0 стигнаа до 51-28, а натпреварот заврши со 23 гола разлика. Калин Степаноски и Емануел Вумвулакис постигнаа по седум гола за победникот, додека Максим Тотиќ, Теодор Кочовски и Горјан Петрушевски дадоа по шест. Теодор Гиевски со 13 погодоци беше најефикасен на средбата и во целото коло. За Македонија Ѓорче Петров, Матеј Стојановски додаде пет, а Ангел Доневски и Владимир Иванов по три гола.
Куманово со серија 13-0 до убедлива победа
Куманово го победи Текстилец со 39-13 и остана со максимален учинок по четири одиграни натпревари. Штипјани одржуваа приклучок во почетниот период и израмнија на 2-2, но домашниот состав потоа се одвои на 11-4. Решавачката серија почна во завршницата на првото полувреме и продолжи по паузата.
Од водство 13-7, кумановци постигнаа 13 последователни гола и во 34. минута стигнаа до 26-7. На полувремето резултатот беше 23-7, а во продолжението домашниот состав направи и серија 7-0 од 26-9 до 33-9. Михаел Милановски даде осум гола за Куманово, Петар Попов и Немања Цветковски по шест, а Михаил Стојановски пет. Кај Текстилец, Матеј Каранфиловски постигна четири, а Стефан Југов и Наум Коцев по три погодоци.
РЕЗУЛТАТИ – 5. КОЛО:
Куманово – Текстилец 39-13 (23-7)
Мулти Есенс – Македонија Ѓорче Петров 52-29 (24-12)
Вардар – Младост 36-25 (19-13)
Слободен: Гемиџии Спорт
ТАБЕЛА:
1. Мулти Есенс – 8 бодови
2. Куманово – 8
3. Вардар – 6
4. Младост – 4
5. Македонија Ѓорче Петров – 4
6. Гемиџии – 0
7. Текстилец – 0
НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ – ПО 5. КОЛО:
1. Стојан Иванџиков (Младост) – 51 гол
2. Антонио Каракабаков (Младост) – 43
3. Владимир Иванов (Македонија Ѓорче Петров) – 40
3. Теодор Гиевски (Македонија Ѓорче Петров) – 40
3. Михаел Милановски (Куманово) – 40
6. Никола Никчевиќ (Вардар) – 33
7. Матеј Митев (Младост ) – 28
8. Михаил Стојановски (Куманово) – 27
8. Дариан Николовски (Куманово) – 27
10. Андреј Јакимовски (Гемиџии ) – 25
СЛЕДНО КОЛО:
Текстилец – Гемиџии
Македонија Ѓорче Петров – Вардар
Куманово – Мулти Есенс
Слободен: Младост
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























