Тасески: Еурофарм Пелистер е фаворит, но ние нема да се предадемe – ќе се бориме до крај

Со вонредното 6. коло продолжуваат возбудувањата од плеј-офот од Супер лигата, a eкипата на Охрид гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер.

Кружниот напаѓач на охриѓани, Иван Тасески вели дека Еурофарм Пелистер е фаворит, но тие нема да одат таму со бело знаме. Тој најавува голема борба во текот на целиот натпревар.

„Во четврток не очекува дуел со Еурофарм Пелистер, на кој нема да се предадеме. Иако имаме лоша серија ќе дадеме максимум и ќе покажеме дека имаме квалитет. Сигурно и тие после поразот од Вардар ќе се борат уште повеќе за да останат во трка за шампионската титула. Ние сме емотивно истрошени после серијата порази, но на овој натпревар ќе го дадеме максимумот, ќе се бориме до крај и ќе пробаме да направиме изненадување“, изјави Тасески.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Охрид се игра во четврток, 30 март, со почеток од 17:30 часот, во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.