Прилеп се враќа во „стариот дом“ – Ракометарите повторно ќе играат во Универзалната сала

Прилепчани бараат ракометот да биде во Универзалната сала бидејќи РК Прилеп е градски клуб. Фановите се навикнaти тука да следат ракометни натпревари уште од времето на Тутунски комбинат

Екипата на Прилеп пред два дена ја дозна најубавата вест во последните години, а тоа е дека се враќа во салата каде што беа најголемите успеси на Тутунски комбинат во 2002 година кога беше освоен трофејот во Купот на Македонија.

Во последните години клубот играше во училишната сала во „Р. Р. Ричко“, а последните натпревари во Универзалната сала беа во 2018 година кога беше организиран Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. Оттогаш се правеа обиди да се дојде до враќање назад и конечно се успеа.

„Последен пат во Универзалната сала влегов кога го освоивме Купот на Македонија во 2002 година. Оваа сала беше една од подобрите за играње ракомет не само во Македонија туку и на просторите на поранешна Југославија. Долго време се обидуваме да се вратиме во неа и драго ми е што ќе бидеме одново на местото на каде што клубот ги доживеа најголемите успеси“, вели тренерот на Прилеп, Горан Кузманоски, кој во 2002 година беше дел од тимот на Тутунски комбинат кој го освои трофејот во Купот на Македонија.

Тој има млад тим, кој може да напредува и да потсети на времињата кога ракометот во Прилеп имаше одлични резултати.

„За нас како екипа е добро да имаме сала во која ќе можеме да профункционираме и со младинските и кадетските екипи за да не бидеме гости и понатамо во училишната сала. Тешко е да се најдат термини така, а во Универзалната сала не само што ќе имаме подобри термини туку таа ќе донесе и душа и повеќе публика. Ние сме веќе втора година во Супер лигата и со сегашните услови за 50 проценти исполнетост на капацитетот на трибините ќе добиеме можност за поддршка од трибините особено кога ќе гостуваат квалитетните тимови. Публиката ќе може да ужива во следењето и на Вардар и Еурофарм Пелистер кои годинава играат од почеток во лигата“.

Со враќањето во Универзалната сала многу работи ќе се поместат односно ќе се средат. Тимот на Прилеп ќе добие поголема поддршка од трибините, а ракометарите подобри услови за тренинг и натпревари.

„Салата има добра подлога и добра локација. Имаме две сали кои исполнуваат услови за повисок ранг на натпреварување, но ниту една не беше во функција, па моравме да играме во школска сала. Сега ќе влеземе во сала која е добра за ракомет и каде ќе имаме подобри услови. Ќе играме одново на паркет, а кога ќе се среди сè во неа сигурно ќе биде добро за сите. Салата има добро светло и не е толку ладна во зима. Тоа е важно за мене и за играчите. Подлогата е доста важна бидејќи на тој начин ќе се избегнат повреди“, вели Кузманоски за 24 Ракомет.

Универзалната сала пред повеќе од 15 години не само што беше дом на тимот на Тутунски Комбинат туку во неа често се играа и натпревари на репрезентацијата. Тука имаше успеси и сениорскиот национален тим на Македонија.

Од раководството на клубот информираат за случувањата кои претходеле на договорот за враќање во Универзалната сала и дека настојувањето конечно дало резултат. Претседателот на клубот Александар Мариноски успеал да заврши добра работа така што сега останува само и официјално клубот да се врати во салата каде се забележани најголемите успеси.

„Имавме проблеми со повреди на играчите и со обезбедување на термини, па заедно со кошаркарскиот клуб од Прилеп потегнавме иницијтива за да можеме да имаме подобри термини. Планиравме или да ја добиеме салата за да стопанисуваме со неа или да закупиме добри термини. Направивме петиција и од пред два дена веќе имаме договор. Не знаеме точно во каква состојба е салата, но генерално е добра и брзо ќе може да се среди сè што е потребно. Оваа сала ќе биде нашиот дом на сениорската екипа. Градот бара ракометот да биде во оваа сала бидејќи ние сме градски клуб. Фановите се навикнaти тука да следат ракометни натпревари уште од времето на Тутунски комбинат“, рече Мариноски за 24 Ракомет.

Со ова секако и целите кои се поставени ќе може да бидат полесно остварени.

„Нашата цел е опстанок во лигата. Нема да биде воопшто лесно бидејќи плеј-аутот ќе биде силен и оваа сезона. Има и поквалитетни тимови. Амбициите ни се исто така да ставиме акцент и на децата од Прилеп. Веќе може да се забележи дека во последните десет години се работело добро. Имавме деца од Прилеп кои играа во кадетската репрезентација. Во моментов тие се во неколку различни тимови низ Македонија, но ова ни дава надеж и елан за она што сакаме да го направиме“, коментираше Мариновски за 24 Ракомет.

Во моментов тимот на Прилеп има девет бода после седум одиграни натпревари и се наоѓа на 8. позиција. Има три бода помалку од позицијата која води во плеј-офот, а има шест помалку од трите тимови кои се од 3. до 5. место на табелата во Супер машката лига.

Вчера Прилеп ја совлада Струга со 25:22, а во следното 8. коло игра против Вардар во Скопје. Следниот натпревар на домашен терен ќе го има на 30 октомври против екипата на Радовиш.