Кумановки без многу напор до бодовите во Гевгелија

Ракометарките на Куманово одиграа уште еден добар натпревар во 5. коло од Женската лига и на гостувањето кај Гевгелија остварија сигурна победа од 29:19 со која го задржаа максималниот ефект.

До резултат 4:4 се играше со наизменични погодоци, а потоа гостинската екипа со серија од три гола за првпат имаше повисока предност. До крај на првото полувреме Гевгелија не успеа да се врати резултатски и на полувреме гостите имаа водство од 15:9.

Доминацијата на кумановки продолжи и во второто полувреме, предноста постојано растеше и многу брзо беше двоцифрена. До крај на дуелот гостинскиот тим рутински одработи за лесна и убедлива победа и зацврстување на врвот на табелата.

Во тимот на Гевгелија две ракометарки беа најрасположени, Бети Петковска и Михаела Митревска и постигнаа по седум гола. Во екипата на Куманово прв стрелец беше Пена Граматова со шест погодоци, додека пет постигна Сузана Зечевиќ.