Вардар го совлада Чаир за реприза на последното финале од женскиот Куп

Во второто полуфинале од завршниот турнир за жени во Купот на Македонија вардарки беа сигурни и трумфираа со 31:27 против составот на Чаир и со оваа победа обезбедија ново финале и реприза на последниот Куп.

Ракометарките на Чаир добро го почнаа натпреварот и поведоа со 2:1 и 4:2, но следуваше кризен период кој Вардар добро го искористи. Од 16. минута во следните пет минути од 7:5 со серија од пет гола Вардар имаше добра предност во завршницата на првиот дел.

Чаир малку ја подобри играта во нападот, но, сепак, тоа не беше доволно и ракометарките на Драгана Ристова заминаа на одмор со одлична предност од 15:9, а имаа и највисоко водство од осум гола во текот на првите 30 минути.

Почетокот на второто полувреме донесе ново највисоко водство на Вардар, а во 35. минута беше 18:9 и веќе се навестуваше лесен и убедлив триумф на вардарки до крајот. Сепак, ракометарките на Чаир не се предадоа и беа близу да се вратат во натпреварот.

Со серија од 8:2, Чаир намали на минус четири, а потоа имаше само два гола заостанување во 54. минута кога беше 27:25. До крајот ракометарките на Чаир, сепак, немаа сили за целосен пресврт и Вардар сигурно го приведе мечот до крај и победи со 31:27 со што си обезбеди ново финале во Купот на Македонија против Куманово.

ЖРК ВАРДАР – ЖРК ЧАИР 31:27 (15:9)

Сала: „Автокоманда“. Судии: Адриана Здравковска и Сања Божиновска од Скопје. Делегат: Гордана Ѓорѓеска од Гостивар.

ВАРДАР: Трајковска, Цветковска, Ѓоргиевска, Стефаноска 2, Грујовска, Џатевска 4, Илиќ, Трпевска 5, Костовиќ, Диневска 3, Миновска 3, Галевска 4, Стојановска 5, Васевска, Коцева, Дамјановска 5.

Седмерци: 1/4. Исклучувања: 8 мин.

ЧАИР: Мисовска, Динарица 1, Николовска 5, Рамадани, Божиновска 6, Камбери, Рамуко, Рахмани 8, Рамуко 1, Сали, Мартиновска 1, Шерифи, Кицеска, Ѓуриќ, Филипоска 1, Алексоска 4.

Седмерци: 0/2. Исклучувања: 10 мин.