Во октомври ќе се пишува историја – закажан првиот Мундијал за пионери!

Долго најавуваниот проект на Светската ракометна федерација, Светското првенство за пионери и пионерки, ќе стартува оваа година. Првото издание на машкото СП, ќе се игра во Мароко од 24 октомври до 1 ноември, а ќе настапат 12 селекции.

Покрај Мундијалите за ракометари до 21 година (младинци), до 19 години (кадети), светската куќа на ракометот воведува уште едно натпреварување за играчите до 17 години (пионери).

За разлика од првите две, кај пионерите ќе играат само 12 репрезентации, барем во првото издание, а идните светски ѕвезди ќе имаат можност да ги покажат своите таленти и квалитети на помала возраст.

Распределувањето на места по континенти, распоредот, како и шеширите пред ждрепката ќе бидат познати наскоро. Веројатно тоа ќе бидат најдобрите репрезентации од сите континенти, но допрва ќе има потврда, а дали и ЕХФ ќе тргне по патот на ИХФ и ќе организира ЕП во оваа возрасна категорија, останува да видиме.

Во женска конкуренција, првото СП за пионерки ќе се игра во 2026 година, кога на програмата се Мундијалите за младинските категории кај дамите.

Ова година, генерацијата на Наум Танески, по неуспешниот настап на ЕП за кадети во Црна Гора каде што заврши на 19 место, нема да игра на Мундијалот во Египет, додека генерацијата на Раде Стојановиќ, откако имаше успешен настап на младинското ЕП во Словенија и го освои деветтото место, ќе биде дел од СП во Полска.