Вардар гостува кај незгодниот Тиквеш, градско дерби во Скопје, Струга домаќин на вицепрвакот

Викендов ќе се одигра 3. коло во суперлигашкиот плеј-оф, а најинтересно би требало да биде на речиси сите натпревари, со исклучок на дуелот меѓу Струга и вицепрвакот.

Вардар, кој во минатото коло со триумфот над Пролет ја оствари првата победа во разигрувањето за титулата, утре ќе има голем предизвик, ќе гостува во Кавадарци кај незгодниот Тиквеш.

Кавадарчани минатото одиграа храбро против вицепрвакот во Автокоманда, но на крај останаа со празни раце. Тиквеш во минатата сезона на свој терен ремизираше со Вардар и покажа дека против секоја екипа атакува на бодови.

Двете екипи направија одредени промени пред почетокот на вториот дел од сезоната и утрешниот дуел ќе биде првата пресметка меѓу „црвено-црните“ и кавадарчани сезонава.

Победа за Вардар на овој натпревар е императив, сѐ друго би значело неуспех, додека избраниците на Раде Стојановиќ ќе се обидат да го изненадат екс првакот на Македонија и со помош на публиката да стигнат до три важни бодови.

Пролет пред својата публика ќе го пречека Бутел Скопје во градската пресметка, која секогаш била возбудлива. Двете екипи не освоија ни бод во првите две кола од плеј-офот, па така утрешниот дуел ќе биде голем мотив за двата табора.

Екипите на Пролет и Бутел Скопје двапати се сретнаа во рамки од групата Б во есенскиот дел од сезоната. Бутел Скопје го доби првиот дуел со 33:26, на вториот се радуваше Пролет со 22:20.

Тимот предвоен од Кире Лазаров ќе гостува во Струга кај истоимената екипа. Струга сѐ уште се нема израдувано на првите бодови во вториот дел од сезоната.

Актуелниот бранител на титулата, тимот на Еурофарм Пелистер, натпреварот со Охрид ќе го одигра во недела. Битолчани ќе мора да го дадат максимумот, со оглед на тоа што охриѓани најавија голема борба.

Супер лига, плеј-оф, 3. коло, распоред:

24/02, 18:00, Струга – Алкалоид
24/02, 18:30, Пролет – Бутел Скопје
24/02, 19:00, Тиквеш – Вардар
25/02, 18:00, Еурофарм Пелистер – Охрид

ПозЕкипаНПРЛБ
1ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР12110135
2ВАРДАР 196112100233
3АЛКАЛОИД1280427
4ОХРИД1280426
5ТИКВЕШ 20141260619
6БУТЕЛ1230910
7ПРОЛЕТ1220106
8СТРУГА1200120