Трета нула за македонскиот вицепрвак, Силкеборг одработи рутински и без Лауге

Македонскиот вицепрвак запиша трет пораз во Лигата на Европа, овојпат на гостински терен кај Бјерингбро Силкеборг со 35-31 и ги загуби шансите за место во главна рунда од второто по ранг клупско натпреварување.

Иако тимот од Автокоманда парираше одлично во првото полувреме, во неколку наврати имаше и егал резултат, сепак на крајот доживеа уште еден пораз по оној во Скопје од истиот ривал.

Расмус Лауге не влегуваше во игра на овој натпревар, а и немаше потреба со оглед на сигурната игра на домашните. Како и во Скопје, така и сега нерешлива енигма за „сино-белите“ беше голманот Луквист, кој забележа дури 18 одбрани.

Во првиот дел, македонскиот вицепрвак во повеќе наврати беше во негатива од три гола разлика, но успеа да се врати по неколкуте одлично одбранети напади и интервенции на Галевски.

Најпрво Велковски израмни на 13-13, а потоа и Ѓоргиев го направи истото за 15-15. Остануваа уште шест-седум секунди до паузата, но брзоногите Данци организираа напад и Орис биеше водство на Силкеборг на полувреме, 16-15.

Колата тргна низ брдо на стартот на вториот дел. Тогаш данскиот тим се одлепи на плус шест, 22-16 и го реши победникот. Тренерот Лазаров се обидуваше со тајм-аут да ги смири своите избраници, но тешко одеше со реализацијата барем во тој период.

Иако успеваше македонскиот вицепрвак одвреме-навреме да врзе два гола, во финишот намали и на минус три, сепак тоа не беше доволно да размислува за некаков камбек или за бодови на ова гостување.

Најдобри во македонскиот состав беа Митев со девет, Серафимов и Бинго со по четири гола, додека Трајкоски и Галевски искомбинираа десет одбрани. Кај Силкеборг, Болдсен и Нилсен имаа по шест гола, а голманот Луквист 18 одбрани.

Во вториот меч од групата Ф, српскиот шампион Војводина му се реваншираше на шпанскиот тим Ла Риоха за поразот во Нови Сад и славеше во Шпанија со 32-29 и сега е во пол позиција за место во главната рунда на Лигата на Европа.

На табелата, Војводина е прва со шест бода, Силкеборг има исто толку на втората позиција, Ла Риоха е трета со три бода, додека македонскиот вицепрвак е последен на табелата со еден бод.

Лига на Европа, 4 коло, резултати:

Група А
Рајн Некар – Бенфика 39:30 (20:17)
Нант – Кристијанштад 31:27 (16:16)

Група Б
АЕК  – Хановер 29:34 (16:16)
Луцерн – Горњик Забже 30:30 (15:14)

Група Ц
Винтертур – Савехоф 29:32 (14:17)
Куенка – Велење 28:27 (13:16)

Група Д
Скјерн – Брага 32:25 (15:10)
Нексе – Повашка Бистрица 35:28 (19:15)

Група Е
Кадетен – Ловќен 36:26 (17:12)
Фленсбург – Елверум 38:35 (19:15)

Група Ф
Силкеборг – Алкалоид 35:31 (17:16)
Ла Риоха – Војводина 29:32 (15:17)

Група Г
Динамо Букурешт – Фуксе Берлин 32:33 (17:16)
Шамбери – Извиѓач 34:30 (16:13)

Група Х
Хробри Глогов – Констанца 29:29 (14:19)
Спортинг – Татабања 36:28 (17:14)