Романскиот Рапид Букурешт, каде од лето ќе игра Сара Ристовска, го продолжи договорот со капитенот Елиза Бучески за уште две сезони и капитенот ќе остане во клубот најмалку до 2025 година.
Романскиот шампион ЧСМ Букурешт објави дека е постигнат договор со средниот бек Ингер Смитс. Холандската репрезентативка, која игра за германскиот Битигхајм, потпиша договор на две сезони.
Според „Handball Planet“, данскиот голман Мик Јенсен од лето ќе го брани голот на унгарскиот гигант Веспрем. Јенсен во моментов е чувар на мрежата на Бенфика, а претходно има настапувано за Магдебург, Балинген, ГОГ Гудме и Нордсјеланд.
Шведската репрезентативка Јохана Бундсен ја напушта татковината и од следното лето ќе се пресели во Германија. Актуелната голманка на Савехоф потпиша за германскиот првак Битигхајм на две сезони.
Аргентинскиот голман Лео Масиел по две сезони во португалскиот Спортинг Лисабон ќе се врати во Шпанија од лето. Тој потпиша за Бидасоа, а претходно бранеше за Барселона, Сиудад Енкантада и Октавио Пилотес Посада.
Полскиот вицепрвак Висла за следната сезона ги продолжи договорите со средниот бек Герго Фазекаш, кој како позајмен играч од Веспрем игра во Плоцк, како и со левото крило Пжемислав Крајевски.