Трајчевски: Против Голден Арт ќе одлучуваат нијанси, ќе има голема борба за секоја топка

Еден од новите ракометари кои што пристигна во екипата на Прилеп на почетокот на тековната сезона е кружниот напаѓач Томче Трајчевски.

Младиот ракометар своите квалитети ги покажа уште на стартот против Бутел Скопје, но поголемиот дел од натпреварите ги пропушти поради две тешки повреди.

Ресенчанецот е задоволен од условите во својот нов клуб и истакнува дека направил добар избор со трансферот од Радовиш во Прилеп.

„Причината за да потпишам за Прилеп беа амбициите на клубот и добрата организираност, голем придонес имаше и познанството со неколку играчи со кои играм сега, ми се допадна понудата и сметам дека го направив вистинскиот избор во мојата кариера. Атмосферата во клубот е на највисоко ниво, иако не обезбедивме пласман во плеј-офот, сепак, продолжуваме со кренати глави. Не ми беше тешко да се прилагодам во новата средина, кога дојдов во Прилеп наидов на одличен прием кај соиграчите и стручниот штаб, бев одлично прифатен и клубот ги има сите услови што треба да ги поседува еден млад играч”, изјави Трајчевски.

Кружниот напаѓач максимално е подготвен за преостанатите дуели од плеј-аут фазата, во која Прилеп има голема конкуренција.

„Со оглед на тоа што имав две тешки повреди во претходниот дел, сега сум максимално подготвен за плеј-аут фазата. Јас и моите колеги ќе дадеме сѐ од себе за да го сочуваме суперлигашкиот статус, иако ќе биде тешко, сепак, веруваме во нашиот квалитет. Мислам дека може да ја оствариме зацртаната цел за вториот дел од сезоната. Имавме добри подготовки, кои поминаа во најдобар ред, работевме на тактичко-технички план и на физичка спремност, сето тоа треба да вроди со плод”, вели Трајчевски.

Младиот ракометар работењето со тренерот Божидар Мојсов го опиша како професионално и на високо ниво.

„Да се работи со тренер како Божидар Мојсов е голема придобивка во својата кариера, посебно за секој млад ракометар. Станува збор за еден искусен тренер, кој долги години работеше во актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, таму работеше со големи истакнати имиња од Европа и на секој од нас се труди да ни пренесе што поголемо знаење. Секогаш цели да направи подобри играчи и под негова палка се работи на едно професионално ниво”, додаде Трајчевски.

Во плеј-аут фазата, шест екипи конкурираат за првите три позиции на табелата, па така Прилеп ќе има тежок предизвик, но Трајчевски е сигурен во  квалитетите на неговата екипа и верува во обезбедување опстанок.

„Речиси сите екипи остетно се засилија, направија големи промени во играчкиот ростер и мислам дека ова ќе биде најнеизвесниот плеј-аут. Ќе биде неизвесно до самиот крај, до последното коло нема да се знае кој ќе биде сигурен, а кои екипи би се преселиле во Првата лига. Сите ривали поседуваат одреден квалитет. Со поддршка од публиката, која секогаш е нашиот осми играч и која секогаш нѐ бодри, без разлика на исходот, верувам дека ќе обезбедиме опстанок. Навистина е прекрасно да се игра пред ваква публика, амбиентот во салата е секогаш одличен”, истакнува Трајчевски.

Прилеп во првото коло од плеј-аут фазата беше убедлив против Скопје, додека во второто коло за ривал го има Голден Арт. Двете екипи се сретнаа во регуларниот дел од сезоната, на првиот дуел, кој беше одигран во Прилеп немаше победник, додека ракометарите на Мојсов во Скопје беа поразени од „градежниците”. Трајчевски ги истакна своите импресии од првиот натпревар, како и очекувањата за дуелот со Голден Арт.

„Во натпреварот против Скопје уште на стартот ја оправдавме фаворитската улога, бевме доминантни во текот на целиот натпревар и немавме поголеми проблеми за да дојдеме до триумф. Во второто коло гостуваме во Скопје кај Голден Арт, нѐ очекува еден тежок дуел и на овој натпревар само нијанси би одлучувале кој ќе ја добие битката. Голден Арт е квалитетна екипа, има неколку искусни, но и млади ракометари кои се желни да се прикажат во добро светло. Според квалитетите на двете екипи, ќе има голема борба за секоја топка”, заврши Трајчевски.

Мечот против Голден Арт, прилепчани ќе го одиграат в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:00 часот.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ПРИЛЕП971124
2МРК КУМАНОВО971123
3ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2960321
4ВАРДАР НЕГОТИНО960318
5МУЛТИЕСЕНС941414
6ГОЛДЕН АРТ921610
7СКОПЈЕ 202092076
8АЕРОДРОМ90092