Темелкоски: Спремни сме да пружиме голем отпор и против Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Тиквеш ги очекува нов тежок испит во суперлигашкиот плеј-оф бидејќи во Кавадарци ќе гостува актуелниот шампион Еурофарм Пелистер.

По трите победи на стартот и тесниот пораз во Автокоманда, избраниците на Раде Стојановиќ ќе се соочат со тимот што играше сезонава во Лигата на шампионите.

Десното крило Евгениј Темелкоски игра во одлична форма и вели дека одново очекува пеколна атмосфера во „Јасмин“, но фаворитската улога ја препушта на битолчани.

„Еурофарм Пелистер е шампион на Македонија, сериозна екипа, со широк ростер и врвни ракометари и тие се фаворити за титулата. Како и секогаш сме спремни да го дадеме максимумот и да пружиме голем отпор, со цел да ја израдуваме нашата публика. Атмосферата сигурно ќе биде на ниво, нашите „Лозари“ ќе ни бидат осми играч и ветар во грб“, вели Темелкоски.

Тој смета дека Тиквеш одново може да обезбеди место во Европа.

„Засега резултатите се на наша страна. Изминатите четири меча имаме три победи. Се надевам дека ќе продолжиме со исто темпо и нормално очекуваме ТОП 4 на крајот на сезоната, па следната сезона одново да играме во Европа“, продолжува Темелкоски.

Десното крило посакува еден ден да заигра и за националниот тим на Македонија.

„За тоа играме. Тоа е детски сон на секој ракометар и се надевам дека еден ден ќе го облечам и дресот на репрезентацијата“, продолжи Темелкоски.

Прилепчанецот е како дома во Кавадарци.

„Тука сум веќе три сезони во Кавадарци и сум како дома. Прво лично, а потоа и како спортисти, луѓето во Кавадарци ми помогнале многу. Се надевам дека продолжува тука со исти резултати и исти успеси и понатаму“, заврши Темелкоски.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Еурофарм Пелистер ќе се игра во спортската сала „Јасмин“ в сабота со почеток од 19:30 часот.