Тајник: Лошиот почеток беше клучен за поразот

Европскиот вицепрвак Келце славеше во Битола со 24-21 против Еурофарм Пелистер, но за победата мораше добро да се испоти.

Средниот бек Домен Тајник одигра одличен натпревар, особено во вториот дел, вели дека пелистерци немаа сили за комплетен пресврт.

„Знаевме против кого играме, знаевме дека ќе биде многу тешко. Многу лошо почнавме, во првитe петнаесетина минути постигнавме само два-три гола и тоа беше клучниот момент на натпреварот. Ние се трудевме и се боревме да се вратиме во игра, успеавме во второто полувреме, Лесјак бранеше одлично, но немавме сили до крај. Изгубивме многу топки во напад, имавме напад за реми, но погрешивме и екипа како Келце знаеше да го казни тоа“, изјави Тајник.

Сега следува ЕХФ недела и репрезентативна пауза, а следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде мечот со ПИК Сегед на гости на 16 ноември.