СТРУГА 2024: Недановски – Ние сме Вардар, одиме кон одбрана на трофејот

Откако пред две години го прослави „златниот јубилеј“, познатиот ракометен турнир во Струга ја продолжува традицијата на најстарата спортска манифестација во Македонија. Годинава од 14 до 17 август по 52. пат отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ во Струга повторно ќе биде местото каде ќе се темпира формата за новата сезона, но и ќе се борат екипите за престижниот трофеј.

Вардар ќе го брани трофејот на традиционалниот турнир во Струга, кој го освои лани со триумфот во финалето над „сино-белите“ од Автокоманда.

„Црвено-црните“ ова лето претрпеа значителни играчки промени, откако останаа без носителите на играта – Томовски и Јасухира, а заминаа и Карапалевски, Мишевски и Ѓукиќ.

Тренерот Владо Недановски ќе има тешка задача да ги воигра осумте нови засилувања во тимот, а по пријателските натпревари со Бутел Скопје, ќе следува настапот на Струшкиот турнир, каде ќе има три силни проверки.

„Пред и се очекуваме уште еден одличен турнир како и на претходните изданија, од организациски и натпреварувачки карактер. Зашто ова е подготвителен период, нашата примарна цел е воигрување на тимот, во кој имаме доста нови играчи, за подобар почеток на сезоната во домашното првенство, но и во ЕХФ Европа Лигата. Секако ние сме Вардар, а со тоа имаме обврска на секој натпревар да одиме на победа, со надеж за освојување на турнирот“, вели Недановски.

Тренерот на вардарци вели дека шанса ќе добијат сите играчи. Вардар е најтрофеен и досега 15 пати го има освојувано трофејот.

„На турнирот шанса ќе добијат сите наши играчи. На овој турнир сме најтрофејни и актуелни освојувачи, а на истиот секогаш настапуваме со најголемо задоволство. Ривалите во нашата група се силни состави кои ги почитуваме и играат значајна улога во своите шампионати, па ова ќе биде одлична група за проверка на нашата форма. Како што веќе напоменав, ова е исклучително силен интернационален турнир и верувам дека сите тимови имаат шанси да го освојат турнирот. Ние ќе се фокусираме на нашата игра и ќе одиме натпревар по натпревар со цел да го освоиме турнирот оваа година“, продолжи Недановски.

Вардар влегува со големи амбиции во новата сезона и на домашна и на меѓународна сцена.

„Како и секоја сезона, така и оваа нашата главна цел е освојувањето на дупла круна во Македонија, а во Европа нашата првична цел е да ја поминеме групата и да се пласираме во главната фаза од натпреварувањето“, заврши Недановски.

ВАРДАР

заминаа: Мартин Томовски (Потсдам), Мартин Карапалевски (Ваљадолид), Марко Мишевски (Курнон), Дарко Ѓукиќ (Динамо Букурешт), Косуке Јасухира (Бурхан), Тарик Бакар (Пролет), Немања Гојковиќ ?

дојдоа: Мигел Еспиња (Куенка), Мигел Пинто (Агуаш Санташ), Ларс Коиј (Емсдетен), Томче Стојановски (Бутел Скопје), Марио Танкоски (Еурофарм Пелистер), Дмитро Горига (Ал Араби), Младен Крсманчиќ (Чурго), Ашраф Маргели (Есперенца)

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:

14/8, 20:40, Вардар – Тиквеш
16/8, 18:30, Гуиф – Вардар
17/8, за пласман