Стартува Светското првенство, првпат со три домаќини!

Откако минатата година Македонија заедно со Црна Гора и Словенија беа организатори на Европското првенство, годинава дојде редот за одржување на Светското првенство. Мундијалот на кој нема да учествува Македонија ќе се игра во три земји – Данска, Шведска и Норвешка.

Ова ќе биде првото издание во историјата на Мундијалите со три домаќини и второ издание со дури 32 репрезентации. Шведска за првпат ќе биде организатор на Светско првенство во женска конкуренција. Сепак, за Шведска тоа нема да претставува никаков проблем, бидејќи низ историјата била домаќин на Европско првенство кај дамите.

Скандинавските земји на ракометните љубители ќе им овозможи да ги гледаат најдобрите светски репрезентации во два града. Во Данска натпреварите ќе се играат во Хернинг и Фредерикшавн, потоа во Шведска домаќини ќе бидат Гетеборг и Хелсинборг, додека во Норвешка, која е актуелен бранител на титулата, домаќинската улога ќе ја имаат Трондхајм и Ставангер. Финалето, како и натпреварот за трето место, се закажани за 17 декември во Хернинг.

Како што е познато, 32 репрезентации се поделени во осум групи од по четири тима, а првите три тима од секоја група поминуваат во главната рунда, додека оние што ќе завршат на последното место ќе играат во Президент Купот. Од Балканот на Мундијалот ќе играат Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија.

Победникот на Мундијалот ќе обезбеди билет за Олимписките игри во Париз. На Олимпијадата следното лето веќе се пласирани домаќинот Франција, европскиот првак Норвешка, потоа репрезентацијата на Бразил, која го освои трофејот на Пан Американските игри, како и Јужна Кореја и Ангола, кои го освоија квалификацискиот турнир во Азија, односно Африка.

Репрезентациите кои ќе завршат од второ до седмо место на Мундијалот ќе играат квалификациски турнир во март, 2024. година. На квалификацискиот турнир ќе учествуваат 12 селекции од сите континенти.

Ова Светско првенство може да биде и последно за едни од најголемите ѕвезди во ракометот, репрезентативка на Романија, Кристина Неагу и репрезентативката на Норвешка, Стине Офтедал. Неагу е неизвесна за настап на Мундијалот поради повреда, додека Офтедал по Олимписките игри во Париз најверојатно ќе ја заврши својата богата кариера.

Група А: Шведска, Хрватска, Кина, Сенегал (Гетеборг)

Група Б: Црна Гора, Унгарија, Камерун, Парагвај (Хелсинборг)

Група Ц: Норвешка, Јужна Кореја, Гренланд, Австрија (Ставангер)

Група Д: Франција, Словенија, Ангола, Исланд (Ставангер)

Група Е: Данска, Романија, Србија, Чиле (Хернинг)

Група Ф: Германија, Полска, Јапонија, Иран (Хернинг)

Група Г: Бразил, Шпанија, Украина, Казахстан (Фредерикшавн)

Група Х: Холандија, Чешка, Аргентина, Конго (Фредерикшавн)

Распоред на денешните натпревари на Светското првенство:

Бразил – Украина 18:00ч

Јужна Кореја – Австрија 18:00ч

Норвешка – Гренланд 20:30ч

Шпанија – Казахстан 20:30ч