Сениорките од денеска ја почнуваат мисијата „ЕП 2024“

Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска ќе го има првиот собир пред стартот на квалификациите за ЕП 2024 година.

Новиот селектор Кристијан Грчевски повика 22 ракометарки за оваа акција, на кои ќе смета за двете средби против Азербејџан и Литванија.

На денешниот собир во 14:00 часот нема да бидат присутни сите ракометарки, бидејќи дел од интернационалките имаат натпревари.

Селекцијата би требало да биде комплетна утревечер и ќе одржи три тренинзи во целосен состав.

Првиот натпревар Македонија го игра против Азербејџан на 11 октомври од 18:00 часот во СЦ „Јане Сандански“, додека втората средба е на гости кај Литванија на 15 октомври од 15:00 часот.

Во групата со Македонија е и селекцијата на Шпанија, а првите две места, како и најдобрите четири селекциите на третото место од осумте групи, ќе обезбедат место на континенталниот собир.