Седлоска слави групна фаза во ЛЕ, „македонскиот“ Коњалти со плус два на реванш

Изминатиот викенд на европска сцена беа одиграни голем број натпревари во Лигата на Европа и во Европскиот Куп во женска конкуренција.

Македонскиот претставник Ѓорче Петров славеше на гости во Белгија кај Ојпен со 45-39 и има големи шанси за пласман во осминафиналето. Таму веќе се пласираа двете португалски екипи Мадеира и Бенфика, шпанскиот Елче, турскиот Јенимале, италијанскиот тим Салерно, како и словенечката екипа Ајдовшчина.

Елиминации имаше за грчкиот Јонијас, каде што играат двете екс вардарки – Татјана Хмирова и Екатерина Љубјанаја, а од клупата ги води легендарниот Александар Зарков. Јонијас загуби два пати на гостински терен кај шпанскиот Елче.

Актуелниот бранител на титулата во овој куп, Коњалти Анталија со триото Македонки – Ивана Гакидова, Елена Ѓорѓиевска и Моника Килдан Јанеска, го совлада шпанскиот Гранољерс со 29-27 и патува со предност на реваншот. Гакидова имаше пет гола, Јанеска два, додека Ѓорѓиевска не се запиша во листата на стрелците.

Тимот од Малта, Феникс, каде што играат три македонски интернационалки (Mитрова, Ефтимов, Иванџикова), два пати загуби од италијанскиот Салерно, а екс репрезентативката Драгица Митрова на двете средби даде 12 погодоци.

Европски куп, 3 коло, резултати:

Јонијас (Грција) – Елче (Шпанија) 23-27, 27-33
Бенфика (Португалија) – Неистин (Фарски Острови) 34-27, 33-25
Јенимале (Турција) – Макаби Аразим Рамат Ган (Израел) 10-0, 10-0
Ајдовшчина (Словенија) – Херцогенбуше (Швајцарија) 35-24, 21-20
ИБВ (Исланд) – Мадеира (Португалија) 19-33, 23-36
Феникс (Малта) – Салерно (Италија) 17-39, 19-37
Кинзварт (Чешка) – Вестфрисланд (Холандија) 31-24
Слован Дусло Сала (Словачка) – Бјеловар (Хрватска) 30-27
Бриксен (Италија) – Јаликавак (Турција) 27-36
Венло (Холандија) – Криваја (Босна и Херцеговина) 39-19
Гран Канарија (Шпанија) – Дуго Село (Хрватска) 34-23
Коњалти (Турција) – Гранољерс (Шпанија) 29-27
Ојпен (Белгија) – Ѓорче Петров (Македонија) 39-45
Eриче (Италија) – Изола (Словенија)
Рудар (Црна Гора) – Пилаја (Грција)
Јувента Михаловце (Словачка) – Истогу (Косово)

Во Лигата на Европа, Андреа Седлоска и Локомотива Загреб со двојна победа над швајцарскиот Брул одат во групната фаза од второто по ранг европско клупско натпреварување, додека Марија Тасевска и Јагодина загубија убедливо во првиот меч од полскиот Лублин и веројатно ја завршија европската одисеја.

Лига на Европа, 3 коло, резултати:

Брул (Швајцарија) – Локомотива Загреб (Хрватска) 23-28, 20-25
Ваци (Унгарија) – Кастамону (Турција) 37-21
Сторхамар (Норвешка) – Хор (Шведска) 37-28
Бенсхајм (Германија) – Олденбург (Германија) 27-19
Малага (Шпанија) – Копенхаген (Данска) 29-29
Јагодина (Србија) – Лублин (Полска) 20-36
Шамбре Турен (Франција) – Мост (Чешка) 33-20
Борусија Дортмунд (Германија) – Дунареа Браила (Романија) 24-25
Нант (Франција) – Молде (Норвешка) 45-28
Сола (Норвешка) – Бера Бера (Шпанија) 39-32
Шпоно Иглс (Швајцарија) – Подравка (Хрватска)
Онередс (Шведска) – Таргу Жиу (Романија)