Се пријавија, па се откажаа од квалификациите за ЕП 2024 – ќе платат 10.000 евра!

Ракометниот Суд на Европската ракометна федерација донесе одлука за случајот со откажувањето на Велика Британија од квалификациите за женското ЕП 2024 година.

Во јануари годинава, федерацијата на Велика Британија се пријавила за учество во квалификациите за континенталниот собир.

Но месец дена подоцна, пред ждрепката што се одржа на почетокот на април, Велика Британија го откажа своето учество поради големите трошоци.

Тие очекувале турнирски систем на претквалификации, но се игра во групи по принципот дома-гости, шест меча во три ЕХФ недели.

ЕХФ реши да ја казни федерацијата на Велика Британија со 10.000 евра, поради откажувањето во последен момент.

Квалификациите ќе стартуваат на 11 октомври, со 31 репрезентации, наместо со 32 каков што беше планот на ЕХФ.