Ристовска без грешка, ЦСКА останува во трка за титулата

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, која пропушти неколку натпревари од рускиот шампионат поради мала повреда на скочниот зглоб, имаше успешен камбек на терените.

Ристовска со ЦСКА Москва во натпревар од 15. коло во најквалитетното натпреварување во Русија славеа важна победа над незгодниот Динамо Синара со десет гола разлика, 29:19.

Избраничките на Олга Акопјан победата ја обезбедија уште во првото полувреме, на пауза заминаа со предност од 18:9 и рутински ги одиграа вторите 30 минути.

Македонката на теренот мина 39 минути и имаше 100% реализација, четири гола од исто толку обиди.

ЦСКА Москва се наоѓа на второто место, има 25 бода, додека актуелниот лидер Ростов Дон има три бода повеќе, односно 28.