Познати официјалните лица за дуелите на Македонија во квалификациите за ЕП

Европската ракометна федерација ги објави официјалните лица за натпреварите од квалификациите за женското ЕП 2024 година.

На првиот натпревар меѓу Македонија и Азербејџан, што ќе се игра на 11 октомври во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ од 18:00 часот, ЕХФ делегира француски арбитри.

Станува збор за Пикар и Воше, додека делегат ќе биде Хашани од Косово.

На вториот дуел што нашите сениорки ќе го играат на гости кај Литванија во Вилнус на 15 октомври од 15:00 часот, ќе имаат романска арбитража.

Делегирани се судиите Ловин и Станку, додека делегат е Казниекс од Летонија.

Македонија со две победи на овие два меча практично ќе го обезбеди местото на Европското првенство и со третиот конкурент Шпанија ќе се бори за првото место во групата.