Поранешен македонски селектор седнува на клупата на Голден Арт!

Тимот на Голден Арт од денеска има познато тренерско име за нов предводник. На местото на Филип Глигоров, кој беше на клупата како привремено решение, доаѓа една од легендите на Вардар, Стојан Петрушевски, дознава 24Ракомет. Тој работеше во младинските категории на „црвено-црниот“ клуб, а сега треба да им помогне на „градежниците“ да обезбедат опстанок во елитната конкуренција.

Голден Арт играше против Мулти Есенс и Прилеп во првите две кола од суперлигашкиот плеј-аут, а до крајот на сезоната ќе има тешка задача да се избори и следната да биде дел од Супер лигата.

Петрушевски безмалку три децении беше дел од Вардар. Тој беше асистент на многу од тренерите што седеа на клупата, но низ годините бил голман на „црвено-црните“, но и прв тренер со кој Вардар има освоено двојна круна. Може да се пофали и со европски успеси – реми со Магдебург, победа над Кил во Лигата на шампионите, натпревари кои и денеска се паметат.

Ги има предводено екипите на МРК Вардар, Вардар Јуниор, Работнички…кои функционираа под капата на Вардар. Петрушевски има работено со генерации и генерации „црвено-црни“ ракометари, а во времето на Вардар воден од Сергеј Самсоненко трипати беше младински првак на Македонија.

Има и селекторско искуство – ги водеше младинците на Македонија во неколку квалификациски циклуси, но и сениорскиот национален тим.

Претстојниот викенд Голден Арт ќе биде слободен и нема да игра натпревар поради тоа што РФМ го исфрли Аеродром од Супер лигата, а Петрушевски би требало да го има своето деби на клупата на мечот од 4 рунда против Куманово во СЦ „Јане Сандански“. Амбициите на клубот се опстанок во елитната македонска конкуренција.