Освојувачот ќе го брани трофејот – Металург Автокоманда на колена во Куманово!

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, ќе го брани трофејот оваа сезона, откако во драматичното финале од групата 1, го совлада Металург Автокоманда со 21-20 и се пласира на завршниот турнир.

Голманката Марија Јовановска ги одбрани последните два шута на Миновска и на Гулицоска и победата остана за избраничките на Славиша Димитријески.

Во првото полувреме најчесто се играше гол за гол, пред во финишот гостинките од Скопје да се изборат за плус два со головите на Калајџиеска и Гулицоска. Сепак во последните секунди успеа да погоди Богојеска и на пауза Металург Автокоманда имаше само еден гол предност, 11-10.

Во вториот дел се разгоре борбата, двете екипи грешеа во обидот да стигнат до погодок, голманките Терзиќ и Јовановска беа добри, па имаше малку голови. Во игра кај гостинките влезе кадетската репрезентативка Котевска, која ја размрда играта на Металург Автокоманда и нејзиниот тим отиде на плус три, 16-13.

Во продолжение таа се повреди, домаќинките беа решени да направат камбек и преку Антевска и Алексовска, како и капитенот Цветановска се вратија во егал. Откако Куманово израмни на 17-17, се играше гол за гол.

Во последната минута Куманово влезе со предност 21-20, откако реализираше Ѓошевска, а потоа Металург Автокоманда имаше долг напад, два пати шутираа Миновска и Гулицоска, но Јовановска ги одбрани нивните удари и домашната радост можеше да почне.

По шест гола за победничкиот тим дадоа Ѓошевска и Цветановска, додека во Металург Автокоманда, со осум гола се истакна Гулицоска.

Покрај Куманово, досега место на завршниот турнир во Купот обезбеди и тимот на Вардар, а за останатите две места се борат Чаир и Овче Поле СУ, односно Пелистер и Ѓорче Петров.

Куп на Македонија, жени, распоред:

група 1
Куманово – Стружанка 37-29
Скопје – Металург Автокоманда 27-53
Куманово – Металург Автокоманда 21-20

група 2
Чаир слоб.
Астибо – Овче Поле СУ 21-38
24/3, 15:00, Чаир – Овче Поле СУ

група 3 
Гевгелија – Вардар 17-34
Шампион – Деспина 19-30
Вардар – Деспина 30-21

група 4 
Пелистер слоб.
Спартак – Ѓорче Петров 22:44
24/3, 16:00, Пелистер – Ѓорче Петров