По завршувањето на ЕП 2024, женскиот клупски ракомет се враќа во фокусот на љубителите на ракометот. В среда ќе започне плеј-офот во Женската лига, кој се очекува да биде интересен, бидејќи во секое коло ќе има најмалку по еден дерби натпревар.
Екипата на Чаир носена на крилјата на историскиот клупски успех во Европа и откако минатата сезона ја освои втората позиција во домашното првенство, оваа сезона имаа високи амбиции и на домашно тло.
Тренерот на Чаир, Басри Љатифи, очекува неговиот тим да биде конкурентен и да се вмеша во битката за шампионската титула. Во првото коло чаирчанки ќе играат на гостински терен кај првакот Ѓорче Петров.
„Очекувам интересен и неизвесен плеј-оф оваа сезона, каде секој натпревар ќе биде дерби и каде ќе играат најдобрите шест екипи од регуларниот дел. Очекувам да бидеме конкурентни и да парираме на најдобрите екипи, а зошто да не вмешаме и во битката за шампионската титула. Сметам дека најголеми шанси за титулата има актуелниот првак Ѓорче Петров, но очекувам заедно со нас да биде конкурентен и Металург Автокоманда и да го предизвикаме шампионот“, вели Љатифи.
Покрај на домашно тло, Чаир продолжува и на меѓународна сцена во осминафиналето на Европскиот Куп.
„Секако успех ќе биде за нас да бидеме до крајот на сезоната во конкуренција за шампионска титула и да освоиме трофеј во Купот. На меѓународна сцена влез во четвртфиналето на Европскиот Куп ќе биде историски успех за нас“, продолжи Љатифи.
Чаир има добар ростер, но треба вели дека би можеле за продолжението од сезоната да се засилат со уште две ракометарки.
„Во моментов немаме повредени ракометарки и тренираме напорно. Се подготвуваме за стартот на плеј-офот, но секако и за осминафиналето во Европскиот Куп, па нема да имаме празнична пауза. Што се однесува до играчкиот кадар, имаме на проба две ракометарки, за кои дополнително ќе одлучиме дали ќе останат со нас или ќе треба да бараме нови решенија. Добри ракометарки секогаш се потребни во ростерот. Ќе победуваме само ако повеќе ги посакуваме победите од противниците и ако работиме на тоа. Ќе одлучува моменталната форма и мотивираноста на играчи, а тоа кај нас е на високо ниво“, смета Љатифи.
Оваа сезона Женската лига се играше во три групи по пет екипи во регуларниот дел, во кој немаше никакви возбудувања, но затоа во плеј-офот ќе ги има многу повеќе.
„Мислам дека овој систем е добар, пред се ќе концетрира квалитетот на една лига. Јас би додал уште две екипи за да бидат осум и би имало уште посериозна конкуренција. Таквата лига би била поинтензивна за играње, а секако и поинтересна. Така ќе се избегнат екипи кои се натпреваруваат со младинки и кадетки, па дури и со пионерки во своите редови и кои се пријавуваат во системот на натпревари само колку за да учествуваат“, заврши Љатифи.
Чаир во првото коло ќе му гостува в среда на шампионот Ѓорче Петров, а мечот ќе се игра в среда во салата „Христо Батанџиев“.