Oхрид се израдува на прва победа во гости, Куманово не беше закана

Тимот на Охрид по поразите на гостински терен кај Бутел Скопје и Алкалоид, ја забележа втората победа во Суперлигата, а прва на гости, откако момците на Горан Андоновски без особени проблеми славеа кај Куманово со 31-22.

Неизвесно беше само во првите петнаесетина минути, кога беше 5-5. Потоа Охрид преку Озтурк и Чејовиќ се одлепи на плус четири, 9-5, а до крајот на полувремето разликата порасна до шест гола, 16-10.

Вториот дел беше рутинско одработување на задачата за гостите, иако останаа во 40 минута без еден од најдобрите Владимир Бојаниќ. Србинот доби црвен картон поради три исклучувања, но тоа не ги поремети гостите.

Напротив уште повеќе нагазија и само ја зголемуваа разликата. Цинцадзе беше одличен на голот, па домаќините тешко го наоѓаа патот до мрежата на Охрид. До крајот во игра кај гостите влегоа оние со помала минутажа, но тоа не смени ништо во поглед на резултатот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа триото Даниел Андоновски, Халил Озтурк и Балша Чејовиќ со по шест гола, додека кај домашната екипа се истакна Вучко Мрвовиќ со осум погодоци.