Некогашен вардарец оди на печалба во Катар

Поранешниот член на Вардар и екс репрезентативец на Црна Гора, Васко Шеваљевиќ, ќе има нов предизвик во својата интернационална кариера.

Искусниот ракометар, кој е на залезот на кариерата, ќе се пресели на Блискиот исток, поточно во Катар.

Средниот бек до крајот од тековната сезона ќе биде член на Ал Духаил, во овој клуб од Доха има настапувано уште еден член на Вардар – Кристијан Дисингер.

Шеваљевиќ во клубот од Катар ќе настапува на позајмица, моментално има активен договор со шведскиот суперлигаш Амо.

35-годишниот ракометар откако си замина од Вардар играше за францускиот Саран, израелскиот Хапоел Ришон Ле Зион, а во последните две сезони е во Шведска.