„Мора да излеземе од ситуацијата за која сме сами виновни“

Големиот гигант Кил неочекувано доживеа елиминација уште во првата рунда во Купот на Германија.

Избраниците на Филип Јеха беа елиминирани од Вецлар, тим во кој настапува репрезентативецот на Македонија, Филип Кузмановски, загубија со 32:31.

Освен што испаднаа од Купот, во претходните три кола во Бундес лигата беа поразени од екипите на Магдебург, Мелсунген и Фленсбург, па така во тимот на „зебрите“ е веќе вклучен црвениот аларм.

Еден од поискусните во Кил, кружниот напаѓач Хендрик Пекелер за ракометниот портал „Handball-world.news“ даде свој коментар по елиминацијата.

,,Јас сум сѐ уште во шок по поразот во Купот. Не ни е лесно во моментов. Поразот од Магдебург очигледно не залута. На натпреварот со Вецлар се чувствуваше неизвесност во речиси секоја наша акција. Вецлар ја заслужи победата и чудно е што претпоследниот тим настапи посигурно во нашата арена од нас. Сега треба некако да излеземе од ситуацијата за која сме виновни. Мора да веруваме во себе и можеме само заедно да излеземе од оваа криза“, изјави Пекелер.

Кил на 8 октомври ќе го пречека Хамбург, додека три дена подоцна, односно на 11 октомври ќе му се спротистави на Келце во натпревар од Лигата на шампионите.

Сензација во Купот на Германија: Кузмановски и Миркуловски го исфрлија Кил