Тимот на Младост Богданци ја продолжи серијата без пораз во Првата лига, откако на домашен терен во салата „Млаз“ го совлада тимот на Шампион со убедливи 36-18 во натпревар од 12 коло.
Богданчани сега имаат 34 бода на првото место и во следното коло може да го потврдат, па со три бода да патуваат во плеј-офот, додека Шампион против Борец на следниот меч со победа ќе обезбеди место во разигрувањето за Супер лига.
Победникот беше решен уште по првите десетина минути, кога Младост поведе со 7-1, а до паузата ја зголеми предноста на плус 11, 20-9.
Во вториот дел задачата беше рутински доработена, а Шампион кој на овој натпревар сметаше само на десет ракометари, немаше сили да им се спротистави на расположените домаќини.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Димитар Пеев со седум и Ѓорѓе Атанасов со шест погодоци, додека кај Шампион се истакна Филип Спирковски со пет гола.