Мијатовиќ: Се гледам себе си во Кавадарци на подолго време, во Тиквеш е многу подобро од што очекував

Еден од новите ракометари во Тиквеш од Кавадарци, Срѓан Мијатовиќ, полека го наоѓа своето место во тимот на Никола Матлиески.

Тој вели дека одлично се снајде во градот на виното и песната, и дека одлично е прифатен од клубот и од луѓето во градот.

„Подобро од очекувањата ми е во Кавадарци. Некои од момците ги познавав од порано и немаше никакви проблеми. Сите тие живеат за клубот, а целиот град живее за ракометот и многу е убаво кога те препознаваат на улица, доаѓаат на натпреварите и навиваат. Искрено, многу подобро е од тоа што го очекував“, вели Мијатовиќ.

Покрај Мијатовиќ, сите други бекови се нови освен капитенот Симиќ.

„Јас сум нов во клубот, цела бековска линија е нова, треба време да се воиграме. Ни претстојат најтешките натпревари во другиот дел од сезоната и треба да се подготвуваме за тоа, а дотогаш да се воигруваме и да бидеме 100% подготвени за најважните натпревари“, продолжи босанскиот интернационалец.

По европската елиминација, Тиквеш се врати на суперлигашките натпревари и го победи Аеродром.

„Доза одговорност постои секогаш, против кој и да се игра и против Аеродром сите влеговме со цел да победиме и така да го завршиме циклусот пред ЕХФ неделата. Тоа да ни биде некој плус за понатаму, да си го олесниме себе патот. Европските натпревари завршија како што завршија, ни беше потребен рестарт за нова победничка низа во македонскиот шампионат, бидејќи тоа ни е приоритет“, вели Мијатовиќ.

Тој вели дека полека се воигрува тимот и дека има напредок во однос на почетокот.

„Одлична е соработката меѓу бековите. Кога гледаме некои мечеви од почетокот, гледаме дека имаме доста напредок. Мала јазична бариера имаме со Обина, и тука треба време да се почувствуваме меѓу себе, но ми се чини дека одиме само на подобро, растеме како екипа и ќе биде подобри“,

Мијатовиќ вели дека може да замисли на подолго време во Кавадарци.

„Во последните неколку години променив многу клубови и држави, но би сакал да останам некаде подолго. Можам да се видам себе си овде во Кавадарци на подолго време, ми се допаѓаат луѓето во клубот, луѓето во градот, ми се допаѓа атмосферата во полна сала, така што зошто да не. Ракометот е некое време и поминува, каде и да сум бил, се трудам да стекнам пријателства за цел живот, а остануваат други работи. Ќе се трудам и овде да оставам најдобра слика од себе, како на теренот, надвор и од него“, продолжи Мијатовиќ.

Кавадарчани се вратија на тренинзите по кратката пауза за време на ЕХФ неделата, а следен предизвик за нив ќе биде гостувањето кај Тиквеш.